ДЕПОНИСКИ ТУРИЗАМ низ креативен младински активизам

Креативна акција на младите за еко промени.

Преку сатирична акција насловена „Депониски туризам“ младите од Кочани, Кривогаштани, Прилеп и Градско укажаа на проблемот со аерозагадувањето за жителите од с. Бели, кое трае со години. Во непосредна близина на нивното село е лоцирана Кочанската депонија која поради негрижа на локалните власти предизвикува тешкотии во нормалното живеење и ризик по здравјето на граѓаните. Најстрашно е за време на летниот период кога има високи температури, отпадот сам од себе се запалува или од несовесните возачи, а чадот од огнот ги труе и задушува жителите на с.Бели кои досега во неколку наврати протестираа пред седиштето на Јавното комунално претпријатие во Кочани, пред влезот на депонијата и го блокираа и патниот правец спрема излетничкиот центар Пониква. 

Екологистите и граѓаните бараат брза и ефикасна акција во интерес на здравјето на сите, па оттука, со оваа акција беа повикани локалните власти сериозно да го сфатат проблемот со аерозагадувањето и во најскоро време да се пронајде начин на управување, рециклирање и транспорт на отпадот во домаќинствата до друга локација, односно, доколку е возможно да се изврши дислоцирање на моменталната депонија до отпочнување со работа на предвидената регионална депонија. 

Проблемите со загадувањето на животната средина, особено оние поврзани со депониите иако влијаат на целото население, непропорционално ги погодуваат жителите од руралните средини бидејќи најчесто се наоѓаат во близина на села. Во руралните средини живее посиромашно население со помали можности за пристап до здравствени и други услуги, справувањето со последиците од загадувањето е потешко за овие жители.

Акцијата е спроведена во рамките на проектот “Видливи, здружени и гласни – Акција за еднаквост и недискриминација преку учество и мултисекторка соработка” во рамки на програмата на Civica Mobilitas