За неполна седмица мнозинството пратеници изгласаа трет штетен закон во образованието без јавна дебата – спротивен на интересите и потребите на децата и младите.
Платформата за родова еднаквост и Мрежата за заштита од дискриминација остро реагираат на усвојувањето на третиот последователен штетен закон во областа на образованието – Законот за средно образование. Со најновите измени на законите за основно и средно образование се озаконува насилство и дискриминација врз децата, а младите остануваат без пристап до здравствена едукација базирана на докази.
И покрај епидемијата на насилство меѓу младите, новиот Закон за средно образование не ја препознава дискриминацијата како форма на насилство и освен физичкото насилство не препознава емотивно, психичко и сексуално насилство. Законот целосно пропушта да предложи мерки за унапредување на сексуалното и репродуктивното здравје на младите, и покрај поразителните податоци.
Ниту една стручна или младинска организација не побара вакви измени. Загрижува што пратеници од ВМРО-ДПМНЕ од парламентарната говорница отворено изразија поддршка за т.н. „загрижени родители“ – групи кои под превезот на „заштита на децата“ шират говор на омраза, дискриминација и теории на заговор, вклучително и против вакцинацијата и здравствената едукација. За илустрација – Претставници од движењата коишто беа консултирани за овие измени сметаат дека луѓето коишто се вакцинирани се ГМО и веќе не се луѓе и со тоа не уживаат човекови права. Истите групи со години оркестрираат напади врз експерти, активисти, новинари и маргинализирани заедници. Особено разочарува што првата жена-претседателка на државата ги поддржа барањата на овие радикални структури и ги потпиша указите за овие закони, иако фактите укажуваат дека тие ќе имаат долгорочни и штетни последици за младите.
Со тоа, Владата, Парламентот и Претседателката дејствуваат во спротивност интересите на своите граѓани, национални и меѓународни заложби и препораки што државата ги има добиено изминатава деценија од телата на Обединетите Нации за почитување на човековите права, со заложбите преземени во рамки на Целите за одржлив развој – особено Целта број 5 за унапредување на родовата еднаквост – како и со националното законодавство за заштита од дискриминација и Националната развојна стратегија на државата.
Сите три закони беа донесени по скратена постапка, без јавна расправа и без вклучување на експерти и млади – што претставува сериозно загрозување на демократијата и човековите права. Со исклучување на здравствената едукација, и со бришење на темите поврзани со родова еднаквост, сексуално и репродуктивно здравје, државата не само што ги негира реалностите со кои се соочуваат младите, туку свесно ги препушта на дезинформации, стигматизација, насилство и дискриминација.
Ја потсетуваме Владата која декларативно изразува грижа за младите и промовира популациона политика, дека незнаењето за сексуалното и репродуктивно здравје во практика – ја намалува возраста на стапувања во први сексуални односи кај младите, ја зголемува стапката на малолетничка бремености и раѓања, стапката на небезбедни абортуси кај малолетниците, сексуално преносливите инфекции, и ги зголемува здравствените ризици и неплодноста кај популацијата.
Потсетуваме на алармантните податоци кај нас кој треба да ги загрижат сите родители, наставници и граѓани:
- Податоците за насилство дискриминацијата и здравјето кај младите се алармантни и треба да ги загрижат сите родители, наставници и граѓани на оваа држава:
- Насилството е нормализирано во Македонија, се почести се случаите на вознемирување, сексуално насилство, малтретирање и силување кај младите извршено од малолетници, како во училиштата, така и во јавните простори;
- Стапката на просечно стапување на прв сексуален однос кај младите во Македонија изнесува 15 години односно 16 години за девојчињата. За споредба со земјите каде здравствената едукација е интегрирана во училишните програми, младите го одложуваат влегувањето во прв сексуален однос, некаде дури и до 19 годишна возраст;
- Стапката на тинејџерска бременост во 2023 година изнесува 13.4 на 1000 девојки на возраст од 15-19 години;
- Младите на возраст од 15 до 18 години се најмногу изложени на насилство за разлика од другите возрасни групи во државата и младите кои ѝ припаѓаат на ЛГБТИ задницата се и до четирипати почесто малтретирани во училиште од хетеросексуалните врсници.
- Дополнително, 15-годишници со хомосексуална и бисексуална ориентација страдаат два или повеќе пати почесто во споредба со своите хетеросексуални врсници, честопати со повеќе психосоматски симптоми (74%), чувства на тага и безнадежност (47%) или со сериозни самоубиствени мисли (30%).
- Само во периодот од 2021-2023 се документирани 82 случаи на насилство во образованието врз ЛГБТИ млади, при што образованието е втора област по ред со најмногу документирани случаи на институционално насилство врз ЛГБТИ, после здравството.
Оттука, нашите барања остануваат непроменети:
- Владата и Парламентот да ги реобмислат законите во образованието кои директно им штетат на здравјето на младите.
- Отворање на широка дебата со младите, младинските организации, стручните здравствени организации и кои работат на заштита на правата на маргинализираните заедници, и подготовка на измени на Законот за основно образование, Законот за средното образование и Законот за учебници за основно и средно образование базирани на докази и наука, и во согласност со меѓународните документи за заштита на човекови права со кои суштински ќе се покаже вистинска грижа за младите.
- Да обезбедат соодветни средства за спроведување на Законот за млади и да се инвестира во младинските центри во кои ќе се креираат безбедни простори за младите, обезбедат психолошки и здравствени услги за младите ширум државата.
- Одржување на надзорна расправа за предизвиците и препреките во имплементација на Законот за спречување и заштита од дискриминација пред Постојаната анкетна комисија за заштита на слободите и правата на граѓанинот.
- Итно и неодложно спроведување на подзаконски акти за заштита на децата од насилство и дискриминација во училишта.
- Уште еднаш бараме од Претседателката Сиљановска-Давкова да не го потпишува Указот за Законот за средно образование и покрај тоа што со потпишувањето на претходните два закони ги погази своите декларативни и кампањнски заложби за родовата еднаквост и недискриминација.