Мрежата за заштита од дискриминација започна со кампања за покренување на јавната свест за недискриминација. Кампањата под слоганот „Дискриминацијата завршува со мене!“ ги повикува граѓаните да не молчат пред дискриминацијата, да ја спречат и да ја пријават.
Во наредниот месец, преку видео спотови, трибини во четири градови и флаери, граѓаните ќе може да се информираат за Законот за спречување и заштита од дискриминација, за групите на граѓани кои се најмногу погодени од нееднаквоста, каде сѐ е присутна дискриминацијата, каде се пријавува и што можат тие да преземат. Кампањата има за цел да испрати порака дека дискриминацијата има бројни негативни последици по индивидуите и по општеството како целина, како: сиромаштија, насилство, социјална изолација, повреда на достоинството, неможност за професионален напредок, ниско ниво на образование, намалена самодоверба, нарушување на физичкото и менталното здравје итн.
Видео кампањата се состои од три спотови коишто во наредниот период ќе се емитуваат на три национални телевизии и кои прикажуваат неколку групи на луѓе секојдневно соочени со предрасуди и дискриминација од страна на околината (Роми, ЛГБТИ и луѓе со попреченост). Кампањата повикува на почитување на еднаквоста од страна на сите граѓани бидејќи таа е предуслов за постигнување на благосостојба на целото општество и клучен принцип, гарантиран со Уставот на РС Македонија. Кампањата повикува на еднаквост, спречување на дискриминација и неучество во неа!
Мрежата повторно апелира до Собранието на РСМ во наредните две недели да го избере новиот состав на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација, со цел да се започне со спроведување на Законот и да се овозможи заштита во случаите на повреда на еднаквоста на граѓаните. Воедно, ја потсетуваме Владата и пратениците од мнозинството дека унапредување на системот на превенција и заштита од дискриминација беше клучно предизборно ветување, кое сѐ уште не е остварено.
Спотовите на македонски и на албански јазик може да ги најдете на YouTube каналот на Коалиција Маргини:
https://www.youtube.com/channel/UCOANy0idRZDMyA01Gsk99UQ/featured
Повеќе информации за работата на Мрежата за заштита од дискриминација и нејзините членки може да најдете на:
https://www.facebook.com/mrezazazastitaoddiskriminacija