СО УТВРДУВАЊЕТО ДИСКРИМИНАЦИЈА КОН НИКОЛА ГРУЕВСКИ КОМИСИЈАТА ЗА ЗАШТИТА ОД ДИСКРИМИНАЦИЈА ПОКАЖА СЕЛЕКТИВНО И НЕПРОФЕСИОНАЛНО РАБОТЕЊЕ

Со последното мислење на Комисијата за заштита од дискриминација со кое се утврди дискриминација од страна на Основниот суд Скопје 1 и судијката Добрила Кацарска преку непочитување на правото на фер постапка на осудениот на две години затвор, Никола Груевски, во предметот „Тенк“, целосно се доведува во прашањe кредибилноста за вршењето на мандатот на ова институција. Комисијата не само што утврди дискриминација без да ја образложи дискриминаторската основа (личен и семен статус) и ја закажа седницата надвор од воспоставената пракса[1], туку на претставката на поранешниот премиер ѝ даде предност пред другите претставки за кои законскиот рок од три месеци е одамна истечен. Утврдувањето на дискриминација во случајот на поранешниот премиер е само уште еден показател за непрофесионалноста и пристрасноста на Комисијата, чии членови очигледно ја злоупотребуваат својата функција за да утврдуваат дискриминација кон своите политички истомисленици дури и во случаи каде очигледно нема дискриминација.

Само во последните три години членките на Мрежата за заштита од дискриминација доставиле 19 претставки во случаи на дискриминација кон маргинализирани групи граѓани, за кои Комисијата во просек доцни по речиси 4 месеци, а за три од поведените претставки Комисијата доцни и повеќе од една година. На пример, Комисијата сé уште нема одлучено по претставката против Миленко Неделковски, пратена на 2.2.2017 година.

Наспроти ваквиот однос на игнорирање на маргинализираните заедници, Комисијата постапи брзо и пред законскиот рок во предметот на поранешниот премиер, Никола Груевски.

Мрежата за заштита од дискриминација континуирано алармира за неефикасната заштита од дискриминација, меѓу другото, и поради немањето капацитет на Комсијата за заштита од дискриминација да се постави како препознатлива институција која ќе застане на страната на дискриминираните. Затоа, повторно апелираме до Собранието за Република Македонија итно да се пристапи кон усвојување на новиот Закон за спречување и заштита од дискриминација, врз чија основа ќе се разреши сегашниот состав на Комисијата согласно засилени критериуми за избор и пошироки надлежности за превенција и заштитата од дскриминација.

Скопје, 21.11.2018

Лице за контакт: Драгана Дрндаревска dragana.coalition@gmail.com / 078 200 675

Проектот „ЗСЗД под лупа: Следење на спроведувањето на новиот Закон за спречување и заштита од дискриминација“ е финансиран од Фондацијата Отворено општество – Македонија. Содржината е единствена одговорност на авторите и на грантистот, и на ниту еден начин не може да се смета дека ги изразува гледиштата и ставовите на Фондацијата Отворено општество – Македонија.

[1] Став на двајца членови на Комисијата за заштита од дискриминација даден во нивното издвоено мислење: https://fokus.mk/gruevski-ne-e-zhrtva-izdvoeno-mislene-vo-komisijata-za-diskriminatsija/