Реакција на Мрежата за заштита од дискриминација за новиот Предлог-закон за основно образование во однос на вклучувањето на учениците со попреченост во редовната настава
Мрежата за заштита од дискриминација ја поздравува заложбата на Министерството за образование и наука за надминување на сегрегацијата на учениците со попреченост преку нивно вклучување во редовното образование. Потсетуваме дека посебните училишта претставуваат сегрегација, како форма на дискриминација која е забранета и со Законот за спречување и заштита од дискриминација. Сепак, би сакале да укажеме дека Предлог-законот за основно образование има сериозни недостатоци од аспект на гаранциите за вклучување на учениците со попреченост во редовниот образовен процес и начинот на кој тоа ќе се спроведе.
Најнапред, законот е донесен на нетранспарентен и неинклузивен начин. Министерството ги игнорираше барањата и сугестиите на граѓанските организации во однос на заштита од насилство, дискриминација и инклузија на децата со попреченост. Предлог-законот не содржи јасна одредба со која се предвидува дека децата со попреченост ќе се запишуваат во редовните училишта, па оттука, се остава простор оваа заложба да не се спроведе или пак, да се спроведува делумно. Неопходна е јасна и недвосмислена законска гаранција која ќе овозможи правна сигурност и конкретна заложба за надминување на сегрегацијата на учениците со попреченост.
Овој Предлог-закон ги исклучува децата со оштетен вид од редовните училишта за кои единствено е потребна асистивна технологија и прилагодување на училишните објекти и не постои оправдување да не се вклучат во редовното образование. Фокусот на посебните паралелки или т.н. центри за поддршка на учењето, во Предлог-законот е спротивен на заложбата за вклучување на децата со попреченост во редовните училишта со што се заменува една форма на сегрегација со друга.
Дополнително, Предлог-законот предвидува законска можност часот да трае пократко за децата со попреченост, доколку тоа е предвидено со индивидуалниот образовен план. Во одредени ситуации, може да биде оправдано пократкото траење на часот, но ова прашање не треба да се уреди со закон и да се третира како правило, наместо исклучок. Потребата за инклузија на децата со попреченост во редовното образование не се темели исклучиво на отстранувањето на физичката сегрегација, туку клучен дел од проблемот е што овие деца наместо да добиваат повеќе внимание и поддршка, образованието ги третира како помалку способни, не оставајќи им можност да го дадат најдоброто од себе и да станат конкурентни на пазарот на трудот. Апелираме до Собранието да спроведе транспарентен и инклузивен процес на носење на Законот преку организирање јавна расправа, да ги земе предвид забелешките на сите заинтересирани страни и да го унапреди ова законско решение преку амандмани.
По донесување на Законот за основно образование, бараме Министерството за образование и наука да го испланира соодветно процесот на инклузија со вклучување на сите засегнати страни, да обрне должно внимание на обезбедувањето на технички и човечки капацитети за да се овозможат услови за успешна инклузија преку инвестирање во образованието. Воедно апелираме до сите заинтересирани страни наместо да се противат на инклузијата, да ги искористат своите капацитети за унапредување на процесот.
Скопје 25.07.2019 год.
Personi për kontakt:
Драгана Дрндаревска: 078/200-675
Росана Богатинова: 02/ 3290-395
Проектот „ЗСЗД под лупа: Следење на спроведувањето на новиот Закон за спречување и заштита од дискриминација“ е финансиран од Фондацијата Отворено општество – Македонија. Содржината е единствена одговорност на авторите и на грантистот, и на ниту еден начин не може да се смета дека ги изразува гледиштата и ставовите на Фондацијата Отворено општество – Македонија.