Мрежата за заштита од дискриминација континуирано ја следи работата на Народниот правобранител како национална институција за човекови права и во последните неколку години има идентификувано повеќе пречки во целокупното нејзино функционирање кои ја ослабуваат нејзината ефикасност и ефективност како институција и ја спречуваат во комплетно исполнување на нејзините надлежности. Меѓу најгорливите се недостатокот на рамномерна распределба на финансиски, на човечки и на технички ресурси, како и степенот на стручност и компетентност на значителен дел од кадарот.
Последните вести кои медиумите ги пренесоа а кои се однесуваат на работата на Народниот правобранител, односно на конфликтот меѓу Народниот правобранител Иџет Мемети и замениците-правобранители, како и на обвинувањата за омаловажување, за скратување на одморот и за одземање на други права, дури и на мобинг од страна на Правобранителот, е скандалозно и вознемирувачко. Ваквите состојби сериозно ја разнишуваат довербата на граѓаните кон институцијата и важноста на нејзината улога.
Во оваа прилика, сакаме да потсетиме дека вториот мандат на Народниот правобранител Иџет Мемети истекува на крајот на 2020 година, а согласно Законот за Народниот правобранител, Собранието е законски надлежно да покрене постапка за избор на нов Народен правобранител преку објавување на оглас најдоцна три месеци пред истекот на мандатот на актуелниот Народен правобранител.
Мрежата за заштита од дискриминација бара од Собранието изборот на Народниот правобранител да биде еден од приоритетите на новиот парламентарен состав, да биде спроведен транспарентен и фер процес на селекција на кандидатите, ослободен од влијанието на политичките партии и да биде извршен избор на компетентен и соодветен кандидат/ка. Само така ќе се обезбеди независна и стручна институција која доследно и во целост ќе може да ги оствари сите свои законски надлежности за промоција, унапредување и заштита на човековите права и слободи.
Воедно, функционалноста на институцијата зависи и од државните советници, од соработниците и од другите службеници кои се вработени во неа. Според последниот годишен извештај на Народниот правобранител за 2019 година, од 155 работни места предвидени со Правилникот за систематизација на работните места во стручната служба, во тимот на Националниот превентивен механизам, во посебните одделенија и во канцелариите на Народниот правобранител, пополнети се само 90 места, што значи дека дури 65 работни места остануваат непополнети. Мрежата за заштита од дискриминација апелира нови вработувања да бидат спроведени во најкус можен рок и нагласуваме дека при постапката не смее да се дозволат какви било партиски влијанија.
Мрежата за заштита од дискриминација искажува загриженост за фактот дека, иако Народниот правобранител како институција постои повеќе од 20 години, тој не успева да ги исполни меѓународно пропишаните критериуми за национални институциии за човекови права, како што се Париските принципи за национална институција за човекови права на ООН и Принципите за заштита и промоција на Омбудсманот на Венецијанската комисија. Да се има силна и независна институција Народен правобранител е важно и заради евроинтегративните процеси на нашата земја, затоа што ова е критериум за исполнување на основните вредности на ЕУ, за владеењето на правото и за почитувањето на човековите права. Дополнително, минатата година, Европската комисија нѐ потсети дека потребно е именување на членови на независни тела кои се засноваат врз заслуги со што ќе се осигура нивната компетентност и интегритет. Ова несомнено важи и за идниот Народниот правобранител.
Мрежата за заштита од дискриминација бара од пратениците во новиот парламантарен состав навремено да покренат соодветни постапки за избор на нов Народен правобранител и со посветеност и сериозност да изберат кандидат/ка со цел институцијата Народен правобранител да ја извршува својата функција на ефикасен, на независен и на професионален начин за сите граѓани во Република Северна Македонија и да биде вистински пример на промотор и заштитник на човековите права и слободи кога тие се повредени од јавната власт.
Скопје, 26.8.2020
Personi për kontakt:
Стојан Мишев
078323191
stojanmisev@esem.org.mk