СООПШТЕНИЕ
Мрежата за заштита од дискриминација одржа промоција на публикацијата
„Како до ефикасна заштита во случаите на сексуално насилство?“
Мрежата за заштита од дискриминација одржа промоција на документот за јавни политики со фокус на силување и сексуално вознемирување „Како до ефикасна заштита во случаите на сексуално насилство?“. Настанот се организираше во рамки на обележувањето на меѓународната кампања 16 дена активизам против родово-засновано насилство. Неговата цел беше да промовира предлог-решенија за ефикасна заштита на жртвите на сексуално насилство во согласност со веќе прифатените обврски од Истанбулската конвенција и да побара итно донесување на измените на Кривичниот закон (КЗ).
Во периодот на чекање на измените на КЗ, кои поминаа на првото читање во Собранието на РСМ, после повеќе од една година може да се посведочи на несоодветно спроведување на постапките за кривичен прогон на сторителите на сексуално насилство, одолговлекување на постапките, несоодветно квалификување на делата и неосновано прекинување на прогонот со што се казнуваат жртвите наместо сторителите.
Dragana Drndarevska од Мрежата за заштита од дискриминација и правна советничка во Коалиција МАРГИНИ го отвори настанот укажувајќи дека „одолговлекувањето на донесувањето на измените на КЗ значи дека сѐ уште немаме консензус меѓу политичките партии по прашањето за заштита на жртвите од родово-засновано и од сексуално насилство“. Дрндаревска зборуваше за предлог амандманите кои Мрежата за заштита од дискриминација и Родовата платформа ги доставиле во Собранието со кои се бара да се промени дефиницијата за сексуално вознемирување. „Во текстот е инкриминирано само сексуалното вознемирување од страна на лице во однос на кое жртвата е во подредена или ранлива состојба, со што не се опфатени случаите кога сторител е колега на иста позиција, со-ученик, колега на факултет или трето непознато лице. Исто така не е предвидено сексуалното вознемирување онлајн, иако Истанбулската конвенција тоа го бара. Случајот Јавна соба се однесуваше на сексуално вознемирување онлајн, а еден од изговорите за непостапување во случаите кон полнолетните жртви беше фактот дека делото не е предвидено во КЗ“, посочи таа.
Извршната директорка на Хелсиншкиот комитет за човекови права, Уранија Пировска потенцира дека e многу важно делото силување да биде видоизменето како согласноста би била клучна за негово докажување, бидејќи сегашниот Закон бара употреба на сила спротивно на меѓународните стандарди што воедно преставува практична пречка за прогон на сторителите во многу случаи. Пировска додаде дека согласноста треба да биде дадена доброволно, без присила, уцена и принуда и да се цени согласно околностите на секој случај засебно.
Елена Димушевска, Извршна директорка на Националната мрежа против насилство врз жени и семејно насилство, на увид даде сознанија за малиот процент од 2% на пријавување на насилства во нашата земја од вкупниот број на случаи во стварноста, што значи дека вистинската бројка на случаи би била алармантна. Според неа, нашите институции не се запознаени со механизмите за поддршка и ретко ги упатуваат жртвите во некои од регионалните центри за нејзино обезбедување. „Процедурата изготвена од Министерството за здравство само ја охрабрува праксата на виктимизација, поради што двојно е помал бројот на пријавени жртви и на оние што добиле услуги од центрите“, посочи Димушевска. Таа објасни дека дури и кога жртвите се одлучуваат да пријават, тие ненавремено добиваат помош и чекаат со часови, што се должи на нерегулираната вработеност и волонтерска работа во центрите. Токму затоа се порачува Министерството за здравство да алоцира доволно финансиски средства за решавање на овие проблеми и мотивирање на жртвите да пријавуваат насилство, што е услов за започнување на процедури на гонење на сторителот.
Снежана Калеска-Ванчева, претседателка на Законодавно-правна комисија на Собранието на Република Северна Македонијаизјави дека „измените на КЗ ќе значат вистински почеток на имплементацијата на Истанбулската конвенција, чиешто ратификување се должи на притисокот на жените пратенички во Собранието“. Пратеничката истакна дека амандманите на граѓанските организации се земаат сериозно предвид, но не беше во можност да каже дали и во кој степен ќе се прифатат.
Тона Карева, правна советничка од Хелсиншкиот Комитет за човекови права и членка на Мрежа за заштита од дискриминација, истовремено авторка на документот за јавни политики, ги презентираше наодите од истиот. „Сексуалното насилство што е фокус на овој документ, како едно од насилствата врз жените, е форма на родово-засновано насилство кое непропорционално влијае врз жените. Во најголем број од случаите, пак, мажите се сторителите. Кога ќе се слушне дека некоја жена била жртва на сексуално насилство, вината најчесто се бара кај неа“, изјави таа. Токму затоа Карева ја презентираше компаративната анализа вклучена во публикацијата која опфаќа добри практики од три држави и различни случаи, и ги претстави различните форми на сексуално насилство, вклучувајќи ги сексуалното вознемирување, експлоатација, насилство, напад и силување. „Во овие случаи станува збор за многу повеќе од само физички последици. Овие случаи имаат огромни психолошки последици и насилството што жртвите го искусуваат влијае и на нивните блиски. Документот дава анализа на меѓународните стандарди за заштита од сексуално насилство, како што се: Конвенцијата за елиминација на сите форми на дискриминација врз жените – ЦЕДАВ, Декларацијата за елиминирање на насилството врз жените и Конвенцијата за превенција и борба против силувањето врз жените и семејното насилство позната како Истанбулска конвенција“, појасни таа.
Ангелина Станојоска, професорка по криминологија на Правниот факултет при Универитетот „Свети Климент Охридски“ во Битола, го затвори настанот укажувајќи дека овој документ е значаен за подобрувањето на актуелните инкриминации. „Всушност препораките што документот ги дава би овозможиле целосна усогласеност на меѓународните документи и на законите што ги имаме сега“, вели таа. „Кога станува збор за профилите на сторителите првично треба да ги видиме факторите што му претходат на постоењето на сексуално насилство. Дијана Скали вели дека силувањето не е само збир на биохевиорални техники, туку и стереотипи и искривени вредности што постојат во едно општество и го учат човекот дека одредени акции се оправдани. Истражувањата покажуваат дека силувањето е генерално средство со кое најчесто мажите ги заплашуваат жените. Важен аспект што одговара на македонското општество е дека силувањето е резултат на општествено учење, на тоа како медиумите на пример ги прикажуваат жените…“, укажа Станојоска. „Во однос на превенцијата многу е важно како ги едуцираме младите, како ги учиме момчињата и девојчињата дека треба да се однесуваат, да ги напуштиме родовите стереотипи… момчињата да не се едуцираат да бидат доминантни, додека девојчињата се учат да бидат во улога на предмет. Ваквата едукација мора да биде спроведена од страна на државата, бидејќи образованието во домот не е доволно.“
Документот може да го најдете во целосна верзија на веб-страната на МЗД.
Овој настан како и подготвениот документ за јавни политики се активности во рамки на проектот „Мрежа за заштита од дискриминација: Унапредување на политиките и практиките за заштита од дискриминација и промоција на еднаквост“, кој е финансиски поддржан од Фондација Отворено општество – Македонија.