Мрежата за заштита од дискриминација и ЛАГ Агро Лидер Кривогаштани Ве покануваат на конференција по повод меѓународниот ден на руралната жена. Конференцијата ќе се одржи во градската библиотека „Борка Талекси“ во Прилеп на 16.10.2023 (понеделник) со почеток во 10.30 часот.
Целта на конференцијата е да ги претстави состојбите со дискриминација во пристапот до здравствени и социјални права и родова еднаквост во руралните средини. Земјоделките сѐ уште немаат право на платено породилно отсуство и покрај тоа што Собранието во мај оваа година едногласно ја изгласа потребата од донесување на „Предлог на закон за измени и дополнување на Законот за здравствено осигурување“ со кој се овозможува платено породилно отсуство за земјоделки. Земјоделци(ки)те немаат нити право на платено отсуство поради болест и повреда на работно место, додека земјоделството претставува високо ризична и тешка професија со бројни последици при здравјето. Руралните средини се карактеризираат и со лоша инфраструктура, недоволен број на градинки и отежнат пристап до здравствени и социјални услуги. Овие состојби, имајќи ги предвид уште поизразените патријахални вредности во руралните средини, несразмерно влијаат на жените од руралните средини чиј труд не е препознаен како работа.
На конференцијата ќе биде промовирано документарното видео „Рурални жени- светулки на маката“ изработено во соработка со Види Вака. На панел дискусијата ќе се промовира анализата „Меѓународни стандарди и компаративни практики за остварување на правото на парични надоместоци заради привремена спреченост за работа поради болест, повреда, бременост, раѓање и мајчинство“ изработена од страна на Мрежата за заштита од дискриминација. Оттука, конференцијата има за цел да апелира за законски измени и итно преземање на мерки за унапредување на состојбата со човековите права на луѓето од руралните средини, имајќи ги предвид родовите бариери. Ќе ни преставува задоволство доколку присуствувате и дадете Ваш придонес во дискусиите и заклучоците од конференцијата.