Промоција на истражувањето „Секојдневниот и емоционалниот живот на неправдата“

Почитувани студент(к)и,

Ве покануваме да присуствувате на промоција на истражувањето „Секојдневниот и емоционалниот живот на неправдата: Дискриминација, здравје и релации“ од истражувачите Ана Блажева и Славчо Димитров.

Промоцијата ќе се одржи на 10 мај, вторник, со почеток од 11 часот, во големиот амфитеатар на Филозофскиот факултет при УКИМ.Потребата за oва истражување произлезе од долгогодишните искуства и согледувања за неповолната позиција и мноштвото неповолни фактори што ги засегаат маргинализираните социјални, етнички и сексуални малцинства.

Идејата е да се опфатат различните аспекти и влијанија врз позицијата на малцинствата и нивната маргинализација преку субјективните искуства и доживувања на дискриминација и неправда, и нивната севкупна здравствена и социјална состојба.Целта на истражувањето е да се разбере како дискриминацијата и неправдата влијаат врз секојдневието, ги обликуваат искуствата и светогледите и ги врамуваат социјалната положба, релациите и световите на дискриминираните заедници.

Дискриминацијата во истражувањето не се третира исклучиво како формално отсуство на еднаков и доследен третман, туку како отсуство на суштествена, системска и структурна еднаквост, која покрај редистрибуција на добра, ги опфаќа и личната/субјективна позиција, психо-физичкото здравје и добросостојба, и социјалната динамика.Фокусот не е ставен исклучиво врз еднократни или повторливи дејствија, кои законски можат лесно да бидат идентификувани како акти на дискриминација, сакаме да ги истражиме искуствените, афективните и социјалните ефекти на социјалната неправда и нееднаквост, видлива преку широките и историски наталожени институционални пречки за развојот на вредностите, визијата за добар живот, развојот и практикувањето на капацитетите, изразувањето на сопствените искуства и потреби, како опресија, од една страна, и доминација, односно како институционални пречки за себеопределување и определување на сопствените дејствија и условите на дејствување, од друга страна (Young 1990: 33-37).

Комплексноста на феноменот и мултиперспективноста на пристапот овозможуваат поцеловита, но и послоевита анализа која потоа може да се користи во развивање на различни (социјални, здравствени, образовни) политики и мултисекторски пристап во справување со дискриминацијата и нејзините конкретни и материјални ефекти.Истражувањето има за цел да даде приказ како дискриминацијата и неправдата влијаат врз секојдневието, ги обликуваат искуствата и светогледите и ги врамуваат социјалната положба, релациите и световите на маргинализираните социјални, етнички и сексуални малцинства, односно на трите избрани целни заедници: текстилни работнички; Ром(к)и; лезбијки, бисексуалци и геј-мажи (ЛБГ).

Целото истражување е достапно на:
https://bit.ly/377lN5n

Резимето од наодите на истражувањето можете да ги преземете на:
https://bit.ly/3JmhP5W

Студијата е реализирана во рамките на проектот „Мрежа за заштита од дискриминација: Здружена акција за унапредување на еднаквоста и социјалната правда на маргинализираните заедници“ на Мрежата за заштита од дискриминација и е финансиран од Фондација Отворено општество – Македонија. Содржината е единствена одговорност на авторите и на грантистот и на ниту еден начин не може да се смета дека ги изразува гледиштата и ставовите на Фондацијата Отворено општество – Македонија.