Националната мрежа против насилство врз жени и семејно насилство е формирана на 7 декември 2010 год. од дваесет граѓански организации кои работат на полето на спречување и борба против насилството врз жените и семејното насилство. Во годината која следуваше функциониравме како неформална мрежа сè до 16 декември 2011 год., кога и официјално се регистриравме како правен субјект.
Организациите-членки на мрежата се со различна големина, од мали грас-рут организации до поголеми организации кои работат на национално ниво. Нашите членки се од различно етничко потекло и обезбедуваат поддршка на жените од сите етнички групи, независно од нивниот социо-економски статус.
МИСИЈА
Мрежата е координирано делување на граѓанските организации кон унапредување на политиките и праксите во борбата против насилството врз жените и семејното насилство. Целта на Мрежата е признавање и унапредување на човековите права на жените во Република Македонија.
ВИЗИЈА
Мрежата има визија да создаде општество без насилство, во кое жените ќе можат целосно да ги развиваат своите потенцијали и активно да учествуваат во креирањето на заедници на еднакви можности.
Нашиот пристап кон насилството врз жените и семејното насилство се темели на препознавање и заштита на човековите права на жените во согласност со релевантните меѓународни конвенции и декларации; родово-сензитивен пристап кон насилството врз жените и семејното насилство; осуда на секој вид на родово базирано насилство бидејќи не постои оправдување за каква било форма на насилство врз жените, вклучително и за семејно насилство; застапување на интересите на жртвите; пристап кој се темели на функционални практики; солидарност и соработка помеѓу организациите-членки и транспарентност во работењето на Мрежата.
ЖЕНСКИ ЦЕНТАР ЗА ПОДДРШКА – СКОПЈЕ на Национална мрежа против насилство врз жените и семејното насилство, e специјализирано советувалиште за жени и деца жртви на родово базирано и семејно насилство, кое нуди сеопфатни услуги согласно индивидуалните потреби на самите жртви.
Женскиот центар за поддршка – Скопје, има и линија за позитивно родителство преку која се обезбедува помош и поддршка на родителите и старателите во остварување на родителската улога преку практични совети како соодветно да одговорат на бихевиоралните и емоционалните потреби или промени кај детето од неговото раѓање до периодот на адолесценција, но и како адекватно да одговори на секојдневните предизвици.
Цел на линијата е да обезбеди помош во остварување на родителската улога, а со тоа и да обезбеди правилен развој на децата. Линијата за родители обезбедува анонимна, доверлива, бесплатна и лесно достапна помош и поддршка за сите родителите/старатели/згрижувачи и членови на семејството кои се вклучени во грижата и воспитувањето на детето/децата. Линијата за родители ја сочинува една телефонска линија, која ја покрива целата територија на државата. На линијата работат обучени лица, по еден оператор/ка во смена кои ја гарантираат анонимноста и доверливоста на информациите.
Контакт информации
Национална мрежа против насилство врз жени и семејно насилство
Телефон: +389 2 609 0066
Е-пошта: coordinator@glasprotivnasilstvo.org.mk
Веб-страница: www.glasprotivnasillstvo.org.mk