ХЕРА – Aсоцијација за здравствена едукација и истражување е здружение кое во јануари 2000 година го формираа шест волонтери, студенти по медицина решени да преземат нешто околу недоволната едукација за ХИВ и СИДА и недостигот на лекови и грижа за луѓето кои живеат со ХИВ во Македонија. Малку подоцна, ХИВ станува само еден од аспектите на сексуалното и репродуктивното здравје и сексуалните права чие унапредување ни станува стремеж, што го потврдува и полноправното членство во Меѓународната федерација за планирано родителство (МФПР) од 2009 година, а го отсликува и нашата петгодишна стратегиска рамка.

Низ годините, ХЕРА застапува за подобри политики бидејќи верува во слободата на избор и во различностите. Обезбедува бесплатни и доверливи сервиси за сексуално и репродуктивно здравје и за родово базирано насилство затоа што пристапноста, достапноста и доверливоста се неделиви од здравјето на граѓаните. Едуцира за сексуалните права бидејќи силно граѓанство и одржливо демократско општество се недостижни без сеопфатна информираност и младинско учество. Ги омоќува маргинализираните бидејќи за да биде инклузивно, општеството мора да почива на социјалната правда.

Родовата рамноправност и ден-денес ни е најсветлата ѕвезда-водилка, а посветеноста бескомпромисна затоа што сите луѓе треба да ја уживаат својата сексуалност слободно и во социјална благосостојба.


Контакт информации

ХЕРА – Aсоцијација за здравствена едукација и истражување

Франклин Рузвелт 51a/26, 1000 Скопје

Телефон: +389 (0)2 3290 395

Факс: +389 (0)2 2556 002

E-пошта: hera@hera.org.mk

Веб-страница: www.hera.org.mk