Здружението за еманципација, солидарност и еднаквост на жените – ЕСЕ е граѓанска организација, основана во 1994 година. Работиме на локално, национално и во регионот на Централна и Југоисточна Европа во соработка со партнерски граѓански организации.

ЕСЕ работи на подобрување на имплементацијата на социјалните и економски права на ранливите групи на граѓани, преку нивно зајакнување, мобилизирање и вклучување во планирањето, спроведувањето и оценувањето на јавните политики и услуги; oбезбедување на еднаков пристап до правда и унапредување на фискалната транспарентност на институциите во областа на социјални и економски права.

Овие три стратегиски приоритети ги одразуваат верувањата на ЕСЕ дека социјалните и економските права треба да бидат највисок приоритет на државата и дека нивното спроведување треба да се темели на интересите и потребите на граѓаните, според принципот за распределба на максимални расположливи ресурси, прогресивно остварување на правата и недискриминација.

ВИЗИЈА

Движечката сила на Здружението за еманципација, солидарност и еднаквост на жените – ЕСЕ е неговата посветеност на решавање проблеми. Преку нашата работа на промоција и унапредување на човековите права, ние всушност ја подобруваме социјалната и економската правда, имајќи предвид дека човековите права претставуваат исклучително корисна збирка на стандарди што треба да ги уживаат сите луѓе. Посебен фокус на нашата работа се промоцијата и унапредувањето на здравствените права и правата на жените. Оттука, нашите две главни цели се однесуваат на: решавање на итните потреби на граѓаните, посебно на потребите на ранливите групи граѓани; и извршување влијание врз јавните политики за постигнување одржливи и долгорочни промени. Нашата работа вклучува многу повеќе од документирање, поднесување извештаи и јавна осуда на неправдите во општеството. Ние обезбедуваме правна и параправна помош, со што им овозможуваме на граѓаните да ги остваруваат своите права и да ги променат своите животни услови. Освен тоа, ние се застапуваме за промени на законодавството и на политиките кои влијаат врз остварувањето на здравствените права и правата на жените. Нашето застапување се одвива на национално и на меѓународно ниво. Конкретно, ние изготвуваме и поднесуваме „извештаи од сенка“ и други документи до надлежните меѓународни тела за степенот на спроведување на меѓународните договори за човекови права.

МИСИЈА

Здружението ЕСЕ е граѓанска организација која работи на подобрување на имплементацијата на социјалните и економски права на ранливите групи на граѓани, преку нивно зајакнување, мобилизирање и вклучување во планирањето, спроведувањето и оценувањето на јавните политики и услуги во Р. Македонија.


Контакт информации

Здружение за еманципација, солидарност и еднаквост на жените – ЕСЕ

ул. Максим Горки  20/1-4, 1000 Скопје

Телефони:  +389 (0) 2  3298 295;  3298 296

Факс: ++389 (0) 2 3211 453

Е-пошта: esem@esem.org.mk

Веб-страница: www.esem.org.mk