На 16.03.2022 година, Мрежата за заштита од дискриминација организира конференција насловена: „Со соработка и партнерство до квалитетни политики и практики за спречување и заштита од дискриминација“. Целта на овој настан беше дасе промовира работата и улогата на Мрежата и да се најават новите активности за 2022 година, а кои се насочени кон унапредување на политиките и практиките за заштита од дискриминација и промоција на правото на еднаквост.
На настанот зедоа учество правни експерти како и претставници на различни институции кои работат на различни аспекти од областа на дискриминацијата. Мрежата посвети посебен панел за разговор со претставници на канцеларијата на Народниот правобранител и канцеларијата на Комисијата за заштита од дискриминација.
Во името на Фондацијата Отворено општество – Македонија која повеќе од една декада ја поддржува Мрежата се обрати програмската директорка Данче Даниловска Бајдевска која изјави: Фондацијата Отворено општество – Македонија особено цели кон овозможување пристап до правда за сите граѓани и затоа посветуваме посебно внимание за обезбедување поддршка и правна помош за граѓаните кои се маргинализирани и немоќни самостојно да се справат со дискриминацијата на која се изложени. Ова го потврдуваме и со денешната најава за обезбедената финансиска и програмска поддршка од Фондацијата Отворено општество – Македонија и во 2022 година за имплементација на проектот „Мрежа за заштита од дискриминација: Унапредување на политиките и практиките за заштита од дискриминација и промоција на еднаквост“. Оваа година Мрежата ќе ја надгради својата работа од претходната година. Односно, темелено на документот за јавни политики од минатата година за предизвиците за усогласувањето на Директивата 2010/41/ЕУ во областа на социјална заштита и надоместоци при мајчинство во Република Северна Македонија; оваа година како надоврзување во рамки на активностите на Мрежата ќе биде подготвена анализа за обврските од Директивата, и приказ на судската практика на Судот на правдата на ЕУ, и ќе бидат мапирани националните закони кои треба да се хармонизираат со Директивата на ЕУ.
Даниловска Бајдевска уште додаде: „Пред креаторите на јавните политики, кои изразија спремност за соработка е претставена заедничката иницијатива на Фондацијата, Мрежата за заштита од дискриминација и ЛАГ Агро Лидер од Кривогаштани за измени на законската рамка со цел жените носители на земјоделски стопанства и регистрирани индивидуални-земјоделки да се стекнат со право на платено породилно отсуство, со што ќе се заштитат од дискриминација, а ќе се придонесе кон почитување на принципите на владеење на правото и на концептот на социјална држава. Со оваа иницијатива ќе се исправи неправдата за 10.000 жени во репродуктивна возраст и ќе се обезбеди токму правото на платено породилно отсуство“.
На настанот се обрати Наташа Бошкова, правна експертка, која ги појасни сите активности кои Мрежата ќе ги работи оваа година. Годишната програма на Мрежата за заштита од дискриминација има за цел да придонесе кон поеднакво општество преку мерки во повеќе области: легислативни измени, унапредување на капацитетите на институциите и следење на состојбите со цел унапредување на политиките и практиките за заштита од дискриминација и промоција на еднаквоста. Активностите кои Мрежата ќе ги преземе се исто така насочени кон хармонизација со правото на ЕУ, што подразбира усогласување на нашето национално законодавство со правните норми на Унијата што е еден од условите за одредена држава да стане членка на ЕУ.
Марина Ташеска претставничка на ЛАГ Агро Лидер се осврна на тоа дека дискриминацијата сe смета за најсилна во земјоделскиот сектор. Дискриминацијата на жените земјоделки е невидлива статистика, а видлива реалност. Непобитен факт е дека родителството и заштитата на мајките е фундаментално право на жените работнички кое е предвидено во клучните универзални договори за правата на човекот и имајќи ги во предвид развојните придобивки од мајчинството и родителството, државите на глобално ниво во законодавната регулатива за пристап до социјална заштита воведуваат посебни регулативи за бенефиции и паричен надоместок за породилно отсуство за здравствени осигуреници со нестандардни договори, осигуреници од секторот земјоделство и шумарство и тн.
Лилјана Јоноски од Рурална Коалиција изјави: “Жените од руралните средини не ги препознаваат системските можности, алатки, институции кои што им стојат на располагање кога се соочуваат со различни форми на дискриминација. Најголемиот дел од нив немаат ниту информација за постоењето на ваквите институции, а од друга страна пак самите институции се тешко достапни во руралните средини, односно нема подрачни одделенија, локални канцеларии и слично. Што се однесува до законската рамка и стратешките документи, истите особено ако се земе во предвид новиот Закон за родова еднаквост кој што апелираме итно да се донесе, како и Стратегијата за родова еднаквост која што исто така не е донесена, а го опфаќа периодот 2021-2026 (2021 веќе помина), истата е навистина поволна за унапредување на положбата на жените во руралните средини и елиминирање на формите на дискриминација, опфаќајќи го тука и новиот Закон за работни односи, како и веќе донесениот Закон за заштита од дискриминација“.
Мрежата ќе продолжи со обезбедување на бесплатна правна помош на маргинализирани граѓани, ќе обезбеди правна помош и советување на лица кои живеат со ХИВ, ќе застапува случаи на суд и ќе креира нови документи за јавни политики кои ќе бидат од корист на државните институции за справување со дискриминацијата. На настанот беше промовиран новиот документ за јавни политики: „Државниот инспекторат за труд како заштитник на работниците од дискриминација“, од авторката Наташа Петковска, правна советничка во Хелсиншкиот комитет за човекови права. Оваа година Мрежата ќе посвети посебно внимание на соработката и со Државниот инспеткорат за труд со цел подобрување на состојбата со дискриминацијата на работниците.
Мрежата за заштита од дискриминација ќе продолжи со застапување за решавање на системската дискриминација преку широка соработка со сите засегнати страни.
Contact person:
Elena Petrovska,
075 207 187
Event photo gallery
Данче Даниловска Бајдевска, програмска директорка во Фондација Отворено општество – Македонија
Наташа Бошкова, правна експертка, Коалиција Маргини
Лилјана Јоноски, Рурална коалиција
Марина Ташеска, ЛАГ Агро Лидер
Маријан Понавиќ, канцеларија на Народен Правобранител
Игор Јадровски, член на Комисија за спречување и заштита од дискриминација
Наташа Петковска, правна советничка, Хелсиншки Комитет за човекови права