ЗАЕДНО ПОСИЛНИ е здружение на заедницата на луѓето што живеат со ХИВ во Северна Македонија коешто обезбедува поддршка за луѓето со ХИВ и се грижи за подобрување на квалитетот на нивниот живот.

Нашите членови се лица што живеат со ХИВ и нивни блиски поддржувачи. ЗАЕДНО ПОСИЛНИ обединува луѓе различни по пол, возраст, сексуална ориентација, родов идентитет, етничка припадност, верско убедување, социјален и образовен статус, политичка ориентација и по многу други основи.

ЗАЕДНО ПОСИЛНИ беше основано во 2009 година како група за поддршка и активизам на заедницата на луѓето што живеат со ХИВ во рамките на асоцијацијата ХЕРА, а како самостојно здружение беше регистрирано во декември 2013 година, по Основачкото собрание кое се одржа на 5 октомври, 2013 г.

ВИЗИЈА

Се водиме од визијата за општество во кое луѓето што живеат со ХИВ имаат достоинствен и исполнет живот, ослободени од стегите на стигмата и дискриминацијата, и во кое имаат непречен пристап до сеопфатна здравствена грижа, лекување и терапија во врска со ХИВ, како и во врска со други здравствени состојби, во согласност со најсовремените достигнувања на науката.

МИСИЈА

Дејствуваме за зајакнување на луѓето што живеат со ХИВ како рамноправни членови на општеството, за почитување на нивното достоинство и за остварување на нивните здравствени и човекови права.

Посебно се залагаме за обезбедување континуиран пристап до современа антиретровирусна терапија и сеопфатен третман на ХИВ-инфекцијата и на состојби поврзани или неповрзани со ХИВ, во согласност со најсовремените достигнувања на науката.

НАЧИН НА ДЕЛУВАЊЕ

ЗАЕДНО ПОСИЛНИ делува во следниве 4 главни области:

ПОДДРШКАУслуги за поддршка – врсничка, психосоцијална и правна – и активности за омоќување на луѓето што живеат со ХИВ во Северна Македонија
ХИВ-ТЕСТИРАЊЕУслуги за бесплатно тестирање и советување за ХИВ преку пунктот за тестирање во нашите простории во Дебар Маало
ПОЛИТИКИЗастапување за правата на луѓето што живеат со ХИВ, особено во врска со пристапот до квалитетна и современа терапија, и учество во креирањето на јавните политики во врска со ХИВ, јавното здравје и здравствената заштита
МОБИЛИЗАЦИЈАМобилизација и подигнување на јавната свесност за ХИВ, со цел да се намалат предрасудите, стигмата и дискриминацијата кон луѓето со ХИВ, како и да се зголеми културата на редовно ХИВ-тестирање.

Градење капацитети и фацилитирање на националниот одговор кон ХИВ

ЗАЕДНО ПОСИЛНИ повремено организира и активности за градење капацитети во врска со ХИВ кај здравствени работници и други стручни профили. Исто така, иницираме и фацилитираме експертски консултативни процеси во врска со лекувањето и превенцијата, како и со менаџирањето на националниот одговор кон ХИВ.

Делување преку партнерства

Веруваме дека успешни промени се постигнуваат со здружени напори; поддржуваме и делуваме преку партнерства со други организации од граѓанското општество коишто негуваат слични вредности како нас и делуваат за заеднички цели.

Соработка и гласност

Во нашето застапување веруваме во соработката со институциите и вложуваме во неа; во исто време, остануваме гласни во јавноста секогаш кога ситуацијата тоа го налага.

Вредности и начела

Основни начела врз кои се организирани работата и дејствувањето на ЗАЕДНО ПОСИЛНИ се:

  • еднаквост и рамноправност,
  • заемност и солидарност,
  • партиципативност,
  • доверливост,
  • непристрасност и независност,
  • транспарентност и
  • законитост во работењето.

Здружението ЗАЕДНО ПОСИЛНИ ги препознава и ги зема предвид специфичните потреби на лицата што живеат со ХИВ кои доаѓаат од различни подгрупи и заедници засегнати од ХИВ, а особено, жени, геј и бисексуални мажи и други мажи што имаат секс со мажи, транс лица, хетеросексуални мажи, како и припадници на различните етнички заедници.

Здружението ЗАЕДНО ПОСИЛНИ ги препознава и ги зема предвид во својата работа специфичните проблеми и потреби на заедницата на геј и бисексуални мажи и транс лица, односно пошироката популација на мажи што имаат сексуални односи со мажи, како заедница, односно популација, која е непропорционално и доминантно засегната од ХИВ во Република Македонија; во оваа заедница, односно популација, има најголем број лица со ХИВ коишто не се свесни за својот ХИВ-статус и немаат пристап до терапија и здравствена грижа.

Здружението се стреми да осигура соодветна застапеност на заедницата на геј и бисексуални мажи и транс лица во своето управување.

НАЧЕЛА НА ДЕЛУВАЊЕ

  • Спроведување политика на еднакви можности, обезбедување најправедна можна рамнотежа и застапеност на сите луѓе со ХИВ во сите области на своето делување;
  • Промовирање и доследна примена на принципите на националните и културните права на еднаквост и различност помеѓу сите луѓе што живеат со ХИВ;
  • Промовирање хармонија, соработка, размена на нашите знаења, искуства и информации, тимска работа, култура на дијалог и комуникација;
  • Зачувување на својата самостојност и делување во согласност со нашата визија, мисија, цели и начела;
  • Креирање, поставување и следење на мерливи индикатори за следење на нашите активности и оценка на резултатите, со што ќе бидеме потранспарентни и поодговорни како пред нашите членови, така и пред заедницата на ЛЖХИВ во РМ, властите и донаторите;
  • Транспарентност и отчетност, информирање на јавноста во врска со активноститe, изворите и методите на финансирање, примена на позитивните закони, регулативи и други домашни и меѓународни стандарди и прописи.

Контакт информации

Здружение ЗАЕДНО ПОСИЛНИ Скопје

ул. „Васко Карајанов“ бр. 2/4, Дебар Маало,1000 Скопје

Фиксен телефон: 02 3129 200

Мобилен телефон: 078 235 632

Е-пошта: kontakt@zp.mk

Веб-страница: www.zp.mk