Мрежата за заштита од дискриминација бара од Собранието на РСМ да започне транспаретна и отчетна постапка за избор на професионални, искусни и непартиски лица за членови на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација (КСЗД) кои ги исполнуваат условите согласно член 17 од Законот за спречување и заштита од дискриминација.
Огласот за избор на членови на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација беше објавен во „Службен весник бр. 279/2020“ на 24 ноември 2020 година и трае 30 дена од неговото објавување односно до 24 декември 2020 година.
Соочени со нетраспарентниот избор на партиски и непрофесионални кадри за членови во изминатите два мандати на Комисијата, Мрежата за заштита од дискриминација упатува јавен апел до Собранието на РСМ за отпочнување на: транспарентна постапка за избор на членови на КСЗД коишто ги исполнуваат условите и навремено и постојано информирање на граѓаните, на здруженијата на граѓани и на медиумите за текот на постапката. Собранието по завршувањето на огласот, а со цел запознавање на јавноста е потребно да направи низа чекори кои се предуслови за спроведување на отчетна и фер постапка за избор, водејќи сметка на квалитетот и на искуството на избраните кандидати.
Бараме од Собранието во најбрз можен рок по завршување на огласот да спроеведе јавна расправа на која ќе се претстават кандидатите за членови на КСЗД, додека здруженијата, медиумите и другите заинтересирани страни ќе имаат можност да им поставуваат прашања на кандидатите и да дискутираат по нивниот избор. Оттука, бараме Собранието да ги објавуви биографиите на пријавените кандидати на веб-страницата на Собранието на РСМ, во рок од минимум седум дена пред одржување на јавната расправа; емитување во живо на собранискиот ТВ-канал на јавната расправа, односно сослушувањето/интервјуирањето на кандидатите пријавени на огласот.
Дополнително, повикувајќи се на член 16 став 5 од ЗСЗД согласно кој членовите на Комисијата треба да го одразуваат составот на општеството во целина, Мрежата за заштита од дискриминација бара од Собранието при изборот да се применуваат принципите за соодветна застапеност на сите општествени групи, начелото на соодветна и правична застапеност на припадниците на заедниците и родово-балансирано учество и избор на лица кои на ниту еден начин не се поврзани со политичките партии.
Истакнуваме дека независна Комисијата за спречување и заштита од дискриминација претставува предуслов за обезбедување на правна сигурност на граѓаните и меѓународен стандард во заштитата од дискриминација согласно меѓународните пропишаните критериуми за национални институции.
Соопштението е достапно на албански јазик ТУКА
Лице за контакт:
Драгана Дрндаревска
dragana.coalition@gmail.com
07820075