



На 20 и 24 април во општините Крива Паланка и Делчево се одржаа трибини за унапредување на пристапот до заштита од дискриминација.
Наташа Петковска од Хелсиншкиот комитет за човекови права и членовите на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација Ирфан Деари, Лимко Бејзароски и Исмаил Камбери ја презентираа работата на ова тело за еднаквост и начинот на кој ефективно може да се оствари заштитата од дискриминација, но и начините на кои дискриминацијата може најсоодветно да се превенира.
Со присутните претставници од општините и од локалните невладини организации се разговараше за проблемите кои се карактеристични за нивните околини, за препознавањето на разните видови и форми на дискриминација, и беа споделени информации за механизмите за спречување и заштита од дискриминација. Дополнително, беа споделувани и предлози за воспоставување соработка помеѓу локалната самоуправа и Комисијата во случаи на дискриминација и нееднаков третман.
Целта на овие трибини е приближување на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација до локалното население и до локалните самоуправи токму поради централизацијата на сите збиднувања во Скопје, што ги обесхрабрува граѓаните да ја пријавуваат дискриминацијата, мислејќи дека за нив остварувањето на заштитата ќе подразбира долга, далечна и неизвесна процедура. Трибините се дел од проектот „Видливи, здружени и гласни – Акција за еднаквост и недискриминација преку учество и мултисекторска соработка“ спроведуван од страна на Коалицијата МАРГИНИ, Македонското здружение на млади правници, Хелсиншкиот комитет за човекови права, ЛАГ Вардар Леадер и Комисијата за спречување и заштита од дискриминација во рамки на програмата Цивика Мобилитас.