Преземено од Бизнис Вести
Во салата на Општина Градско синоќа се одржа трибина за унапредување на пристапот до заштита од дискриминацијата. Лимко Бејзароски, член на Комисијата за спречување и заштита од дискриминацијата, на присутните претставници на невладините организации и на Општина Градско им посочи дека треба да ги информираат своите членови и граѓаните, за тие до Комисијата да поднесат преставки независно по кој основ и област им се нарушени нивните права.
Комисијата, наведе, ќе им овозможи бесплатна правна помош за решавање на нивниот проблем ќе се обрати до институциите согласно законите да ги заштитат нивните права.
– Нашето постапување на Комисијата е еднакво, неселективно и праведно за сите граѓани без разлика на нивната политичка, етничка или друга припадност, појасни Бејзароски.
Тој за МИА информира дека засега од Општина Градско до нив нема поднесено ниту една претставка.
– Затоа ги охрабрувам жителите на Општина Градско и останатите доколку се чувствуваат дискриминирани да поднесат претставки до Комисијата, повика Бејзароски.
Тој појасни дека сите претставки треба да бидат аргументирани со докази, а до Комисијата може да ги достават електронски, директно да ги донесат кај Комисијата во Скопје или да ги пратат преку пошта.
Воедно, ги информира жените земјоделки дека неодамна Комисијата отворила постапка за да можат жените земјоделки да се изедначат со правата и пристапот до здравствена заштита како и сите останати осигуренички и осигуреници во областа на здравството, а тоа меѓу другото подразбира и користење на породилен паричен надоместок.
За време на трибината присутните претставници од различни невладини организации изнесоа примери за разни видови на дискриминација која им била нанасена на нивните членови: лица со посебни потреби и на лица од ромската заедница.
Далиборка Златева, од Здружението на лица со церебрална парализа и други попречености од Велес, во своето излагање потенцира дека овие лица се дискриминирани во сите области од секојдневното живеење.
– Ние ја имаме донесено и ратификувана е Конвенцијата за правата на лицата со попреченост меѓутоа тоа е само на хартија за жал. Само кога истата ќе се имплементира во сите пори на општественото живеење, тогаш можеме да зборуваме за еднаквост на лицата со попреченст и за нивна целосна интеграција во општеството, потенцира Златева.
Таа посочи дека овие лица секојдневно се борат со архитектонски бариери, нееднаков пристап до образование, до здравствени и социјални услуги, нееднаков пристап до вработување и при тоа, според неа, секаде трпат дискриминација.
Како што посочи таа, најголема дискриминација во однос на лицата со попреченост ја доживуваат жените и девојките со попреченост кои имаат двојна дискриминација.
Лимко Бејзароски, член на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација потсети дека комисијата е формирана во 2021 година, а во 2022 година до нив пристигнале 248 претставки од граѓани или правни лица и седум постапки по службена должност, што споредено со 2021 година кога имале 90 предмети било зголемување за 183 проценти.
Во 2022 година имало 70 случаи на утврдена дискриминација и тоа 36 во јавното информирање и медиуми, 14 во работата и работните односи, 10 во пристап до добра и услуги, пет во образование, две во здравствено осигурување и здравствена заштита и едба во спортот.
Тој соопшти дека во 2022 година се донела првата судска пресуда.
Инаку, синоќешната трибина во Општина Градско е дел од проектот „Здружени и гласни за општество без дискриминација“, Мрежата за заштита од дискриминација во соработка со Комисијата за спречување и заштита од дискриминација и Општина Градско, а поддржан од Civica Mobilitas