Медуза: Над 500 граѓанки и граѓани под паролата „Јавна соба е кривично дело“, протестираа на денешниот марш организиран од Платформата за родова еднаквост, изразувајќи разочарување од системот и непостапувањето од страна на институциите за случајот „Јавна соба“, кој претставува кривично дело во кое безброј жени се жртви на родово базирано насилство.
Маршот започна пред Министерството за внатрешни работи со обраќање на Калиа Димитрова, која потенцираше дека вината за ваквите случаи, не смее да се лоцира во жртвите, а го осуди репресивниот систем на насилство, тивкото одобрување на сексуалната агресија, поттикнувањето на мизогинија преку игнорантност и непостапување.
„Одбивам да прифатам дека треба да изгледам, да се движам, да зборувам, се сликам на одреден начин, за институциите да постапат соодветно кога ќе бидам нападната. Одбивам да прифатам дека треба да ги правдам своите избори, за да не бидам оцрнета, навредувана и демонизирана од машката јавност, на која ниту едно сведоштво, ниту еден доказ, ниту едно понижување, не и се доволно вистинити ако доаѓаат од женска уста. Одбивам да прифатам дека треба да бидеме задоволни со овие трошки кои ни ги фрлаат и одбивам да се помирам со овие мизерни изговори за институции.“ – нагласи Димитрова.
На ова се надоврза и Ана Колева, една од жртвите во овој случај, која јавно проговори за своето искуство и односот на институциите, и потенцираше дека е неопходна едукација и промени кои ќе ги заштитат жртвите: „Мислам дека беше доволно молк, мислам дека е време да се освестиме сите. Мислам дека веќе е доста да молчиме и да дозволуваме да бидеме газени, да се криеме, да почекаме туѓиот срам да помине за ние да можеме да продолжиме со нормалниот живот. Ова нека биде почеток на големи промени коишто ќе се случуваат во ова општество. Нека се донесе закон, но и тој закон да се применува. Нека се едуцираат институциите, нека се едуцира секој човек како треба да се однесува за да имаме поубаво и посреќно општество и за нас и за идните генерации.“
Оттука, групата продолжи по рутата, нагласувајќи ги барањата: „Бараме од Јавното обвинителство неодложно и темелно да го расчисти случајот „Јавна соба“, кој претставува кривично дело во кое голем број жени се жртви на родово засновано насилство; Бараме соодветни казни за администраторите на групите, како и сите членови кои праќале и се уште праќаат фотографии и пишуваат лични податоци на девојки и жени; Бараме и инсистираме сексуалното вознемирување преку интернет посебно да се регулира и во Кривичниот законик; Бараме соодветна грижа за жртвите од надлежните институции.“ – изјавија организаторите.
Маршот заврши пред Основното јавно обвинителство каде се обратија Марта Гусар, адвокатка која што застапува жртви на семејно и родово базирано насилство, а и самата е жртва на „Јавна соба“ и активистката Драгана Дрндаревска.
„Со оглед што во мојот случај за два часа се најдоа сторителите, се најде кој го споделил мојот телефонски број, апелирам до сите институции да имаат еднаков третман и кон жртвите кои се лаици, кон неука странка која што не знае како да се заштити себеси. Да постапуваат на ист начин и со еднаков третман. Клучно е да се знае дека „Јавна соба“ навистина не е забава. „Јавна соба“ е класично кривично дело кое навистина мора да се третира како такво.“
Таа апелираше до сите жртви, до сите девојки кои знаат или ќе дознаат дека се таму, се сексуално вознемирувани со телефонски повици, барање за „дискретна средба“ или слични ситуации, да меморираат телефонски броеви, да направат скриншотови од разговорот и веднаш да пријавуваат во полиција. „Тоа се први чекори кои треба да се направат и потоа во најблиската полициска станица да се бара потпишување на записник, односно примање на пријава, и фотокопија од записникот или барање за издавање потврда за пријавен настан, за да може да се стигне до некаква заштита, затоа што доколку само се укаже дека членува во Јавна соба, навистина се уште тоа кај нас се смета дека е забава. Ајде да ја направиме „забавата“ поголема, односно пријавувајте ги со имиња и презимиња и со телефонски броеви.“ – додаде таа.
Драгана Дрндаревска потенцираше дека најавените законски измени се позитивни, но задоцнети и не се неопходни за да се санкционираат сторителите на „Јавна соба“. „И според постоечкиот Кривичен законик (КЗ), „Јавна соба“ е кривично дело. И по ратификацијата на Истанбулската конвенција, КЗ претрпе измени, но пропуштивте да го вметнете сексуалното вознемирување како кривично дело. Бараме конечно да сфатите дека насилството врз жените, не е личен проблем на секоја жена, туку ваша обврска. Не ни требаат ветувања и уверувања. Ни требаат санкционирани сторители и ни треба правда за жртвите.“ – рече Дрндаревска.
„Бараме да им верувате на жртвите, а политичката волја да ја покажете со санкционирање на сторителите и на на ниту еден друг начин. Поддршка за жртвите. Не сте виновни и не сте сами!’’ – заврши таа.
Организаторите апелираа на неопходноста за институционална заштита на жртвите и итно процесирање на случајот од страна на Јавното обвинителство, докажување на вина и санкционирање на креаторите и учесниците во еден ваков сериозен облик на сексуално вознемирување на жени и девојки, од кои голем дел се и малолетни – овој случај е шанса за институциите да покажат дека се залагаат за правата и безбедноста на жените и во пракса, а не само декларативно.
На овој ЛИНК е галерија на фотографии од Ванчо Џамбаски.