СООПШТЕНИЕ ЗА ЈАВНОСТ НА МРЕЖАТА ЗА ЗАШТИТА ОД ДИСКРИМИНАЦИЈА:
Како до поголема заштита на самовработените бремени жени и бремените сопруги и животните партнерки на самовработени лица – Предизвиците за усогласувањето на Директивата 2010/41/ЕУ во областа на социјална заштита и надоместоци при мајчинство во Република Северна Македонија.
Во организација на Мрежата за заштита од дискриминација на 8 февруари се одржа Тркалезна маса посветена на Предизвиците за усогласувањето на Директивата 2010/41/ЕУ во областа на социјална заштита и надоместоци при мајчинство во Република Северна Македонија.
Сè уште присутната традиционална патријархална улога на жената во семејната заедница придонесува за нејзина помала активност на пазарот на трудот, ограничени можности за вработување и напредување, ограничени социјални бенефиции, зависност од сопругот или животниот партнер, а неретко и губење на работното место поради мајчинство. Ваквата положба на жената на пазарот на труд понатаму се одразува во нејзината положба кај различните форми и модели на вработување и остварувањето на правата кои произлегуваат од нив.
Поради значењето на самовработувањето и транспонирањето на ЕУ законодавството во домашниот контекст, Мрежата за заштита од дискриминација изготви Документ за јавни политики со наслов „Како до поголема заштита на самовработените бремени жени и бремените сопруги и животните партнерки на самовработени лица: Предизвиците за усогласувањето на Директивата 2010/41/ЕУ во областа на социјална заштита и надоместоци при мајчинство во Република Северна Македонија“, од авторката Јована Јовановска Кануркова. (Коалиција МАРГИНИ | Како до поголема заштита на самовработените бремени жени и бремените сопруги и животните партнерки на самовработени лица (coalition.org.mk))
Овој документ беше во фокусот на тркалезната маса одржана на 8 февруари 2022 година, , а на која учествуваа претставнички и претставници на граѓански организации и на релевантни министерства и институции. Настанот беше организиран во рамки на проектот „Мрежа за заштита од дискриминација: Здружена акција за унапредување на еднаквоста и социјалната правда на маргинализираните заедници“ финансиски поддржан од Фондацијата Отворено општество – Македонија“.
Во име на Фондацијата Отворено општество – Македонија се обрати Програмската директорка за владеење на правото и добро управување – Данче Даниловска Бајдевска, која посочи дека Фондацијата години наназад работи на вмержување на организациите на тематска основа, а со заедничката иницијатива за измени на законската рамка со цел жените индивидуални земјоделки да се стекнат со платено породилно општество, со што ќе се исправи неправдата кон десетина илјади жени во репродуктивна возраст, кои се регистрирани земјоделки. Програмската директорка на ФООМ додаде дека и понатаму највисок приоритет на Фондацијата е заштитата и подобрувањето на животот на маргинализираните граѓани. Во услови на исклучително неизвесна и ризична состојба во која се наоѓаше нашето општество и јавното здравје на за време на пандемијата со КОВИД-19, потребата за заштита на најранливите граѓани беше огромна. Во таа насока ФООМ обезбеди донација 1 милион долари преку кои освен што беа помогнати социјално загрозените граѓани, беше овозможено и подобрување на капацитетите и кај здруженијата и тинк тенк организациите што придонесуваат во развој на граѓанското општество и во време на криза и нивно директно влијание врз креирањето на политиките.
Јасна илустрација на состојбите во нашата земја даде Марина Тошевска од ЛАГ Агро Лидер, која се осврна на мајчинството како фундаментално право на жените фармери. Нивните теренски истражувања, преку кои допреле до 400 семејства од рурални средини, покажале дека тие се соочуваат со бројни предизвици и не ги користат бенефициите што ги има во другите работни сектори. „Поради економските притисоци и недостатокот на сигурност на приходот, повеќето жени ангажирани во земјоделството не можат да си дозволат значително да го намалат обемот на работа пред и по породувањето, па како последица продолжуваат со работни активности и во доцна бременост или почнуваат со работа прерано по породувањето со што се изложуваат себеси и своите деца на значителни здравствени ризици, како предвремено породување, несакан абортус, и сл. Овие жени се соочуваат со многу предизвици, и се ставени во исклучително тешка материјална положба при отсуство поради бременост, раѓање или мајчинство, што влијае и на нивната здравствена состојба, а и здравјето на нивните деца“, изјави Тошеска.
Нагласувајќи дека родовата дискриминација е силно изразена во работните односи, за што говори и фактот дека во пандемијата родовиот јаз се зголемил за 22,7%, Наташа Петковска и Тона Карева од Хелсиншкиот комитет за човекови права ја образложија целта на Директивата да се заштитат и „помагачките сопруги“ преку овозможување на нивното социјално осигурување врз еднаква основа како другите работници. Со оваа Директива за првпат се доделува надоместок за мајчинство на самовработени работнички на ниво на Европската унија. Воедно, Директивата им овозможува на земјите членки да усвојат мерки за позитивно дејствување насочени кон обезбедување целосна еднаквост меѓу мажите и жените во работниот век. Детектирани се три главни недостатоци на домашното право во врска со транспонирањето на Директивата 2010/41/ЕУ: недостаток на дефинирање и соодветно регулирање на самовработувањето; непрепознавање на животното партнерство кај социјалната заштита; и неисполнување на стандардите предвидени во Директивата по однос на надоместокот во врска со мајчинство.
Беа презнетирани и таргетираните препораки, наменети за Министерството за труд и социјална политика, Министерството за здравство и Фондот за здравствено осигурување. Во насока на усогласување со Директивата, потребни се измени во Законот за работните односи со кои ќе препознаат самовработените лица во Законот за работните односи, како и препораката за воспоставување и спроведување на инклузивна законска рамка која ќе обезбеди право на породилно отсуство и право на паричен надоместок за отсуство од работа поради бременост, раѓање и мајчинство и за здравствените осигуренички носителки на семејно земјоделско стопанство. Министерството за труд и социјална политика треба да се заложи и за соодветна измена на Законот за вработување и осигурување во случај на невработеност, а од особена важност е донесување на посебен закон кој ќе го уредува граѓанското партнерство како форма на партнерство и ќе ги препознава животните партнери под еднакви услови како брачните партнери кои склучиле граѓански брак согласно Законот за семејство во однос на стекнување на права. За да се обезбеди социјална заштита на сите засегнати жени, потребни се низа измени и на Законот за здравствено осигурување.
Претставничките на Министерството за труд и социјална политика ја поздравија оваа инцијатива и укажаа на следните чекори во оваа област каде првично ќе се формализира работна група која ќе биде интердисциплинарна и мултисекторска и која на соодветен начин ќе ги адресира предизвиците со оглед на обемноста на проблематиката.
Во дискусијата во рамки на настанот се вклучија и претставничките од Рурална коалиција, Националната федерација на фармери и други граѓански здруженија, кои заедно со претставничките на Министерството за труд и социјална политика се согласија дека овие прашања мора да добијат висок приоритет.
Лица за контакт:
Наташа Петковска 077 907 536
Тона Карева 078 220 694