ДЕСЕТ МРЕЖИ НА ГО СО ПРЕС КОНФЕРЕНЦИЈА ЗА ИТЕН ИЗБОР НА КАДАР ВО ПОВЕЌЕ ИНСТИТУЦИИ

На иницијатива на десет мрежи на граѓански организации кои заедно обединуваат околу 100 здруженија и иницијативи, денес, на 27 ноември 2019 година се одржа прес-конференција и протест пред Собранието на Р.С. Македонија. Граѓанските организации побараа итен избор и именување на кадар во повеќе институции и тела од страна на Комисијата за прашања на изборите и именувањата, а со писмени барања тие се обратија и до сите пратеници во Собранието на РСМ.

Со апел за транспарентност, граѓанските организации побараа во Собранието итно и неодложно и најдоцна до пред распуштањето на Собранието, да се започне и заврши со постапките за избор и именување во следните тела:

  • Избор и именување на членовите на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација;
  • Избор и именување на директор/ка на Дирекцијата за заштита на лични податоци;
  • Избор и именување на директор/ка на Агенција за слободен пристап до информации од јавен карактер;
  • Избор и именување на директор/ка на Државниот завод за ревизија;
  • Избор и именување на програмски совет на МРТВ;
  • Избор и именување на членови на Советот на Агенцијата за аудио и аудио-визуелни медиумски услуги;
  • Избор и именување на три членови на Судскиот совет на Република Северна Македонија;
  • Избор на претставниците на здруженијата на граѓани во надворешниот механизам за граѓанска контрола врз полицијата при Народниот правобранител;
  • Избор и именување на членовите во комисијата за доделување на државната награда „Мето Јовановски“.

„Здруженијата на граѓани се загрижени за постапките за избор на кадар во повеќе органи и тела, коишто веќе подолго време стојат заглавени во Комисијата за прашања на изборите и именувањата. Овие институции имаат суштинска улога во гарантирањето на правата на граѓаните и унапредување на отчетноста и транспарентноста на институциите. Комисијата за спречување и заштита од дискриминација е едно од телата чијшто избор на членови се одолговлекува веќе повеќе од четири месеци. Крајниот рок за формирање на оваа Комисија беше 22 август, а мандатот на претходната Комисија престана во јуни 2019 година, а оттогаш во земјата нема тело за еднаквост. Во изборот на оваа Комисија се забележани пропусти уште со објавувањето на огласот, а одолговлекувањето на изборот само ја пролонгира заштитата од дискриминација на граѓаните.” – изјави Јована Јовановска Кануркова од Мрежата за заштита од дискриминација.

Сибел Амет, претставничка на Блупринт група за реформи во правосудство истакна дека: „Кочењето на процесот на избор на тројца членови на Судскиот совет посегнува по ефективноста и ефикасноста на оваа институција, особено во поглед на кворумот за одлучување во постапките за разрешување на судии коишто се преземени и започнати во декември 2017 година по укинувањето на Советот за утврдување факти и одговорност кај судиите. Со одолговлекувањето на изборот на членовите на Судскиот совет, постои опасност од тоа дел од овие постапки да застарат. Изборот на претставниците на здруженијата на граѓани во надворешниот механизам за граѓанска контрола врз полицијата при Народниот правобранител останува неизвесен, иако огласот за пријавување на претставници на граѓанските организации заврши пред околу 4 месеци. Потребата од воспоставување на надворешен механизам се јави по долгогодишната пракса на неказнивост на полициските службеници и затворската полиција во случаи на злоупотреба на нивните овластувања, како и нефункционалноста на веќе воспоставените механизми за заштита на правата на граѓаните во случаи на непрофесионално и незаконско постапување на полицијата.”

Од Платформата на граѓански организации за борба против корупција изјавија:

„Веќе предолго време Државниот завод за ревизија и Агенцијата за право на информации од јавен карактер се оставени без раководни структури, што е на директна штета на граѓаните, но и на институциите. Овие институции се исклучително важни во обезбедувањето на контрола на трошењето на јавните пари, усогласеноста на институциите со регулативата, и правото на пристап до информации. Ваквата состојба остава значајни ризици по борбата против корупцијата – која што треба да е клучна заложба на пратениците во Собранието како претставници на граѓаните и заштитници на јавниот интерес.“

Ашмет Елезовски од Национален Ромки Центар, изјави дека „Ромите се најмаргинализирана етничка заедница, додека сиромаштијата кај Ромите се должи и на нивната дискриминација. Во вакви околности сметаме дека е задолжително барем еден член од Комисијата за спречување и заштита од дискриминација да биде Ром, а одредени членови на помалите етнички заедници да бидат застапени во судството и другите органи и тела“.

Граѓанските организации своите барања ги доставија до сите пратеници во Собранието и истакнаа дека будно ќе ги следат овие процеси и ќе продолжат да делуваат сѐ додека не се остварат нивните барања.

Мрежа за заштита од дискриминација
Платформа за борба против корупцијата
Блупринт група за реформи во правосудство
Национална мрежа за борба против хомофобијата и трансфобијата
Платформа за родова еднаквост
Мрежа 23
Националната мрежа против насилство врз жени и семејно насилство- Глас против насилство
Мрежа за застапување на интересите на Ромите
Македонска платформа против сиромаштија
Платформа за одржливост на програмите за превенција, грижа и поддршка за ХИВ