Мрежата за заштита од дискриминација го презентираше истражувањето на влијанието што мерките за справување со ковид-19 го имаат врз човековите права на маргинализираните заедници „Човековите права на маргинализираните заедници во услови на ковид-19“. Теренското истражување е направено помеѓу маргинализираните заедници: Ром(к)и, сексуални работници, луѓе што живеат со ХИВ, луѓе што употребуваат дроги, жени жртви на семејно насилство и ЛГБТИ. Извештајот опфаќа повеќе области, како: влијанието на забраната и ограничувањето на движењето, правото на образование, пристапот до правда, социјалната заштита и влијанието на економските мерки.
Обврската на државата кон маргинализираните заедници за време на пандемија, е од една страна, да го заштити здравјето и на овие заедници. Од друга страна, државата има обврска да донесе мерки кои ќе превенираат дополнително осиромашување и маргинализација на ранливите заедници поради кризата, преку непропорционален ефект на ограничувањата на правата кон овие групи за разлика од општата популација. Непропорционалниот ефект кон маргинализираните заедници од мерките за справување со пандемијата, можат да значат и индиректна дискриминација сторена преку пропуштање на пресретнување на специфичните потреби на овие заедници. Оттука, пандемијата на површина ги вади системските проблеми со социјална ексклузија, ограничен пристап до правда и до јавни услуги, несоодветна заштита од дискриминација и насилство, со кои континуирано живеат овие заедници.
Клучните наоди под различните области откриваат системски недостатоци во системот на социјална заштита и во образованието, несоодветно планирање на еконимските мерки кои во голема мера не одговараат на потребите на граѓаните и не придонесуваат кон надминување на неповолната економска состојба. При донесувањето на рестриктивната мерка за забрана и ограничување на движењето, не се имаа предвид специфичните потреби на жените и ЛГБТИ младите, жртвите на семејно насилство и сексуалните работиници и сиромашните граѓани кои заработуваат во неформалната економија од ден за ден. Пристапот до правда беше дополнително отежнат а, притоа не се водеше сметка за потребата од итни постапки за заштита на жртвите на родово-засновано насилство. Во системот на социјална заштита се утврдија бројни недостатоци поврзани со ниските капацитети и несоодветни решенија за да се пресретнат потребите на маргинализираните групи.
Здруженијата од Мрежата за заштита од дискриминација за време на кризата, брзо се приспособија на новонастанатите потреби, работеа на терен со цел да ги пресретнат потребите на маргинализираните заедници, нудеа услуги за бесплатна правна помош, хуманитарна помош, информирање со цел унапредување на пристапот до социјални и здравствени услуги и се обидуваа да се застапуваат за пресретнување на потребите од страна на институциите.
Клучните препораки од извештајот ги пренесуваме во целост, во продложение на ова соопштение.
Извештајот е подготвен во рамки на проектот „Мрежа за заштита од дискриминација – Унапредување на еднаквоста преку следење и зајакнување на системот за спречување и заштита од дискриминација“ финансиран од Фондацијата Отворено општество – Македонија. Автори на извештајот се: Наташа Бошкова, Дарко Антиќ, Росана Богатинова и Маргарита Глигуроска. Уредничка на извештајот е Драгана Дрндаревска. Извештајот може да го најдете на следниот линк, на македонски и албански јазик.
Клучните наоди од извештајот се прикажани и во инфографици достапни на следниот линк.
Видеото од промоцијата е достапно во секцијата Дискусија под Фејсбук-настанот овде.
Лице за контакт:
Драгана Дрндаревска
078200675
dragana.coalition@gmail.com
Препораки во однос на забраната и ограничување на движењето:
– При носење на одлука за забрана за движење, Владата особено да ги земе предвид потребите на најмаргинализираните заедници и врз нивна основа да креира исклучоци;
– Забраната за движење да се воведува како крајна мерка, само кога преносот на вирусот излегува од контрола и постои сериозна закана од преоптоварување на здравствениот систем;
– Обучување и ефикасна контрола на полицијата за спроведување на оваа мерка, особено кога граѓаните ги користат исклучоците предвидени од Владата;
– Редуциран возен ред на јавниот превоз не смее да се воведува во часовите кога на граѓаните им е дозолено движење;
– Во случај на воведување на забрана за движење, да се изнајдат соодветни решенија за домување и пристап до егзистеницијални услови за бездомните лица и лицата кои престојуваат во импровизирани живеалишта.
Препораки во однос на образованието во услови на ковид-19:
– Целосното затворање на училиштата треба да се користи како крајна мерка и да се спроведува определен временски период, додека трае заканата од ескалација на состојбите. Во услови во кои состојбата не ескалира и нема преоптоварување на здравствениот систем треба да се изнајдат посоодветни решенија, кои нема дотолку да влијаат на квалитетот на образованието, какви што се повеќесменско работење, строга контрола над почитувањето на превентивните мерки, намалување на бројот на часови и слично;
– Припадниците на најмаргинализираните заедници да се поддржат финансиски за набавување на средства за електронска комуникација, како и стабилна интернет-конекција, за непречено следење на наставата. За оние ученици за кои не можат брзо да се создадат услови, да се овозможи следење на наставата во училиштата, со строго почитување на превентивните мерки;
– Реформирање на образовниот систем, преку модернизирање на методите на учење што ќе одговараат на современите текови на користење на интернет-технологии и дигитализација во образованието, стимулирање на самостојно учење и истражување;
– Реформирање на образованието со воведување на содржини кои ќе ги променат и зајакнат демократските вредности на учениците, ќе ги зголемат самостојноста, љубопитноста и емпатијата;
– Наоѓање начини на поддршка на родителите на помалите ученици од страна на училиштето во услови кога наставата се одвива од далечина;
– Континуирано вложување во капацитетите на воспитно-образовниот кадар, но и доследно спроведување на систем заснован врз заслуги во вработувањето, унапредувањето и санкционирањето на наставниците и стручните соработници;
– Унапредување на техничките и просторните капацитети на училиштата преку обезбедување на соодветна платформа за онлајн настава и оценување, која ќе биде лесно применлива за сите, како и воспоставување на еднаков и ефикасен начин на оценување.
Препораки во однос на социјалната заштита во услови на криза:
– Унапредување на комуникацијата на вработените во центрите за социјална работа со граѓаните, а особено унапредување на нивната достапност за комуникација во услови на криза и вонредна состојба;
– Реформирање на системот на социјална заштита преку негово ориентирање кон потребите на граѓаните и решавање на нивните проблеми;
– Решенијата по поднесени барања за парични надоместоци од социјална заштита да се носат во рамки на законските рокови за одлучување, односно постапките да не се одолжуваат;
– Вклучување во системот на социјална заштита на еднородителските семејства и жртвите на семејно насилство кои во услови на криза ја напуштаат насилната средина, преку отворање на достапни и квалитетни специјализирани услуги за жртви на родово засновано насилство;
– Обезбедување на јавно достапни информации за правата на граѓаните во услови на криза, приспособени на луѓето со сензорна попреченост, на јазиците на сите заедници и на јазик разбирлив за сите граѓани;
– Мерките кои државата ги презема во услови на криза, а кои се однесуваат на обезбедување егзистенцијални потреби (помош во храна и хигиенски производи), да опфатат и граѓани кои не се корисници на парични надоместоци од социјална заштита, а имаат потреба од помош поради намалување на приходите;
– Реформирање на системот за социјална заштита преку јасни, едноставни, брзи и транспарентни постапки за остварување на правата од социјална заштита;
– Потребните документи за остварување на правата од социјална заштита во услови на криза, но и надвор од такви услови, да се обезбедуваат исклучиво по службена должност;
– Континуирано вложување во капацитетите на институциите за социјална и здравствена заштита, како и доследно спроведување на систем заснован врз заслуги во вработувањето, унапредувањето и санкционирањето.
Препораки во однос на пристапот до правда во услови на криза:
– Покрај општите мерки, Владата да усвои специфични мерки за подобрување на пристапот до правда на одделните маргинализирани заедници, земајќи ја предвид нивната ранливост за време на вонредната состојба;
– Надлежните институции (судови, центар за социјална работа, здравствени установи и други) да обезбедат јасни насоки за спроведување на мерките и начинот на кој граѓаните можат да го остварат правото во вонредни услови;
– Судскиот совет да ги препознае постапките за заштита на жртвите на семејно насилство како итни за времетраење на вонредната состојба;
– Надлежните институции да развијат алтернативни модели за помош на жени, деца и возрасни од насилство за време на вонредна состојба;
– Владата да обезбеди финансиска поддршка на организациите кои на најниско ниво обезбедуваат помош и поддршка за маргинализираните заедници;
– Владата да вгради механизми за транспарентност и отчетност во процесот на донесување одлуки поврзани со справувањето со пандемијата.
Препораки во однос на економските мерки во услови на криза:
– Вклучување на граѓаните и здруженијата во изготвувањето на економските мерки кои ќе осигурат широк опфат на граѓани, со фокус на оние од ранливите групи;
– Изготвување на економски мерки кои ќе бидат индивидуализирани и ќе одговараат на специфичните потреби на граѓаните, а пак преку критериумите за нивно користење да се осигури дека мерките не исклучуваат одредена група;
– Спроведување на евалуација на сите мерки предвидени досега од аспект на нивното влијание врз граѓаните и правење план за нивно унапредување во насока на остварување на максимални ефекти;
– Спроведување на процена на штетите предизвикани од несоодветно поставените мерки, односно од изготвените мерки кои не одговараат на потребите на граѓаните;
– Унапредување на транспарентноста, преку подготвка на месечни извештаи за програмска и финансиска реализација, вклучувајќи и јавно објавени и достапни извештаи;
– Преземање чекори за поставување на континуиран, флексибилен и скалест износ на парична помош што им се обезбедува на граѓаните и се заснова врз финансиската моќ на едно домаќинство наместо на едно лице;
– Покрај зголемување на износот на парична помош, потребно е и овозможување на поширок спектар на производи и услуги што би можеле да се набавуваат, вклучувајќи лекови и режиски трошоци;
– Спроведување процена на потребите на граѓаните од нефинансиска природа, и во зависност од нивните приоритети, изготвување мерки за нивно решавање. На пример, наместо ваучер за туризам, за жени жртви на семејно насилство да се обезбеди сместување и вработување;
– Континуирано прибирање на релевантни податоци од страна на Државниот завод за статистика, врз чија основа треба да се донесуваат економските мерки;
– Воведување процедури за пријавување и разрешување на случаите во кои граѓаните се соочуваат со тешкотии во пристапот до економските мерки, во живо и на интернет-страницата finansiskatransparentnost.koronavirus.gov.mk преку додавање на посебен дел за консултации и пријавување на тешкотии.