ЗАДОЛЖИТЕЛНАТА ВАКЦИНАЦИЈА НЕ ПРЕТСТАВУВА НЕЛЕГАЛНО ОГРАНИЧУВАЊЕ НА ПРАВАТА НИТИ ДИСКРИМИНАЦИЈА

Мрежата за спречување и заштита од дискриминација (следните организации: Фондација Отворено општество – Македонија, ХЕРА- Асоцијација за здравствена едукација и истражување ХОПС – Опции за здрав живот – Скопје, Хелсиншки комитет за човекови права, ЛГБТИ Центар за поддршка, Станица ПЕТ – Прилеп, Коалиција МАРГИНИ, ЗАЕДНО ПОСИЛНИ и Националната мрежа против насилство врз жени и семејно насилство) во целост ги поддржува предложените мерки од страна на Комисијата за заразни болести во делот за спречување на ширењето на КОВИД-19 вирусот.

Како организации кои се посветени на заштитата на човековите права, сметаме дека построгите мерки за обезбедување поголем опфат на имунизацијата се неизбежни доколку целиме кон заштита на животот и здравјето на луѓето. Потсетуваме дека индивидуалните права можат и треба да бидат предмет на ограничување кога зад целта на ограничувањето стои повисока вредност, како во случајот заштита на здравјето и животот на сите. Напротив, непреземањето на мерки од страна на властите со цел заштита на населението од Ковид-19, под одредени околности, може да се смета за повреда на човековите права. Задолжителната вакцинација е неопходна мерка имајќи го предвид сериозниот ефект од глобалните дезинформациски кампањи кои продуцираат недоверба во науката и медицинските авторитети и директно влијаат на малиот број на вакцинирани.Должноста да се чува и унапредува сопственото здравје и здравјето на другите, претставува највисока граѓанска обврска. Согласно член 39 од Уставот на Република Северна Македонија, на секој граѓанин му се гарантира правото на здравствена заштита, а граѓанинот има право и должност да го чува и унапредува сопственото здравје и здравјето на другите. Задолжителната вакцинација, која е предвидена со Законот за заштита на населението од заразни болести, во ниту еден момент не може да се доведе под сомнение дека е во спротивност со Уставот и основните човекови слободи и права. Согласно чл.33 ст.7 од овој Закон, Министерот, на предлог на Комисијата за заразни болести, може да одреди вакцинација и за други заразни болести. Оттука, Мрежата за заштита од дискриминација смета дека е оправдано со закон да се обврзат граѓаните на вакцинација против болести чие спречување е во интерес на општеството. Живееме во услови на пандемија, каде што сите релевантни достапни и научно засновани податоци, укажуваат на тоа дека вакцинацијата против Ковид-19 е во интерес на зачувување на јавното здравје и истата претставува легитимна цел за ограничување на човековите права.

Секој има право на заштита и здравје на работното место. Токму затоа сметаме дека Комисијата не треба да прави разлика меѓу работниците во јавниот и приватниот сектор при креирање на мерките. Второ, пројавениот отпор од страна на претставници на работниците укажува на потребата од широка општествена и стручна дискусија која ќе ги вклучи сите релевантни фактори (синдикатите и здруженијата на граѓани) и надлежни институции (Комисија за заразни болести, Министерство за здравство, Државен инспекторат за труд, МТСП, Комисија за спречување и заштита од дискриминација). Отсуството на ваков дијалог најмногу може да влијае врз работниците, кои во најголем степен ќе ги трпат штетните последици од несогласувањата на општествените чинители, на начин што ќе бидат обесхрабрени да се вакцинираат и со тоа да се заштитат од Ковид-19 и неговите последици.

Овие мерки се и во рамки на меѓународното право и практика на заштита на човековите права. Според пресудата на Европскиот суд за човекови права во случајот Vavřička and Others v. the Czech Republic задолжителната вакцинација на децата не претставува кршење на Европската конвенција за човековите права и слободи туку е неопходна во демократско општетсво. Со задолжителната вакцинација се ограничува правото на приватен живот (член 8 од ЕКЧП) кое може да се ограничи поради заштита на јавното здравје. Судот во пресудата се осврнува на пропорционалноста на мерката и одредува широка маргина на дискреција на одлучување на државите како најдобро позиционирани да донесат соодветни мерки за заштита на јавното здравје. Мерката се смета за пропорционална, со легитимна цел, заштита на населението од болести. Притоа во расудувањето е важно да се разгледа прашањето дали постои итна социјална потреба, а земајќи го предвид фактот дека сѐ уште КОВИД-19 претставува сериозна закана за јавното здравје наспроти нискиот процент на вакцинирани лесно може да се заклучи дека ваква потреба постои. Во пресудата се потенцира дека вакцинацијата е широко прифатен, ефикасен и ефективен начин на заштита на здравјето и дека поради намалување на бројот на доброволно вакцинирани државите преземаат порестриктивни мерки за да обезбедат вакцинација како задолжителна вакцинација проследена со казни или условување на уживањето на другите права со вакцинирање.

Во случајот на француските пожарникари против Франција (Abgrall and 671 Others v. France 41950/21), во кој бараа од ЕСЧП да ја суспендира обврската за вакцинација, како и сите поврзани мерки кои можат да се донесат и со кои може да им се забрани вршењето на работата, ЕСЧП го отфрли брањето бидејќи смета дека е надвор од опсегот на правилото 39 според кое судот може да донесе привремени мерки, како итни мерки со цел заштита на правата. Судот потенцираше дека правилото 39 го применува само во случаи во кои некој се соочува со реален ризик од неповратна штета.

На национално ниво, Комисијата за спречување и заштита од дискриминација во јули оваа година донесе мислење според кое задолжителната вакцинација на деца како услов за да се запишат во основно образование не претставува дискриминација на кој било основ. Комисијата донесе општа препорака која вели дека законите, мерките, препораките и други релевантни акти коишто се во насока на спречување, лекување и контрола на ситуација на епидемиски, ендемични и други болести не претставуваат кршење на правото на приватноста на индивидуата, на неговиот личен и семеен живот и на достоинството и угледот.

Поради сите горенаведени причини, Мрежата за спречување и заштита од дискриминација смета дека ваквите мерки се неопходни, истите не претставуваат дискриминација затоа што заштитата на јавното здравје претставува легитимна цел.

Лице за контакт: Скопје, 22.11.2021

Тона Карева

078/220-694

tona.kareva@mhc.org.mk