СОБРАНИЕТО ДА ИЗБЕРЕ ЧЛЕНОВИ НА КОМИСИЈАТА ЗА ЗАШТИТА ОД ДИСКРИМИНАЦИЈА ПРЕД ИЗБОРИ

На седницата одржана на 12 декември 2019г., Собранието на Република Северна Македонија, без образложување на причините за поништување на огласот за избор на членови на Комисијата за заштита од дискриминација, на нетранспарентен начин, одлучи повторно да го објави огласот. Собранието ниту еднаш, и покрај бројните пропусти при објавувањето на првиот оглас, не излезе со објаснување зошто граѓаните веќе четири месеци го немаат на располагање овој механизам за заштита на нивните права. Го повикуваме Собранието јавно да ги образложи причините за поништувањето на огласот за избор на членовите на Комисијата за заштита од дискриминација.

Апелираме до Собранието во најбрз можен рок и пред најавеното распуштање да го спроведе изборот на членовите на Комисијата за  заштита од дискриминација на транспарентен начин и водејќи сметка за квалитетот на избраните кандидати. Обврската составот на ова тело да го одразува составот на општеството во целина, не смее да остане само декларативна, туку реална цел на Собранието бидејќи во спротивно, ќе се компромитира целта на ова тело како гарант за еднаквоста на сите граѓани. Потребно е да се изберат професионални и независни кандидати и кандидати кои на ниту еден начин не се поврзани со политичките партии. Притоа етничката припадност не смее да биде единствен критериум, особено нејзиното тесно разбирање како распределба на позициите помеѓу Македонците и Албанците. Неопходно е да се води сметка за родовата еднаквост и да се вклучат претставници на маргинализираните заедници (Роми, лица со попреченост, ЛГБТИ и други).

Транспарентноста и јавноста на изборот на членовите на Комисијата значи јавно објавување на документите на сите кандидати, јавна расправа за изборот иучество на здруженијата на граѓани по примерот на изборот на Комисијата за спречување на корупцијата.

По изборот на комисионерите, тие ќе треба да основаат стручна служба, да обезбедат соодветни простории за работа и да ги донесат подзаконските акти предвидени со Законот. Овој процес ќе одземе многу време, што е дополнителна причина за Собранието да го забрза изборот на членови.

Во процесот на ЕУ интеграциите спречувањето и заштитата од дискриминација има клучна важност, што е дополнителна причина за донесувачите на одлуки да започнат посериозно да го третираат ова прашање.

Contact person:

Росана Богатинова 071/464-019
Драгана Дрндаревска 078/200-675