Во месец октомври до Народниот правобранител поднесена беше претставка против Министерството за внатрешни работи за случај на дискриминација и вознемирување од страна на гранични полициски службеници врз основа на родов идентитет. Во случајот се работи за две транс жени од Турција кои биле вознемирувани од страна на граничната полиција по нивното слетување на аеродромот во Скопје. Двете транс жени ја имаат започнато транзицијата и изгледаат како типични жени, но ознаката за пол на пасошите е „М“ поради несоодветната законска рамка во Турција која го отежнува правното признавање на родот. На аеродромот во Скопје тие се соочиле најпрво со низа прашања околу престојот и причината за посета на Македонија, а потоа полициските службеници ги викале своите колеги без никаква потреба, им ги гледале пасошите, зјапале во жените и им се смееле. Еден од службениците на едната трансжена ѝ кажал дека бил во Истанбул и видел „луѓе како неа“.
По поднесената претставка, Народниот правобранител достави известување во кое наведе дека доставил барање со укажување до Секторот за гранични работи и миграција во кое ги навел наводите од претставката и укажал на потребата надлежните служби најитно да спроведат соодветна обука на сите гранични полициски службеници во насока на нивно сензибилизирање. Народниот правобранител препорачал и преземање мерки за запознавање на сите службеници со соодветната домашна и меѓународна пракса која се однесува на забрата на вршење на дискриминација по кој било основ. Дополнително во известувањето е наведено дека од страна на МВР добиен е одговор на претставката со кој Народниот правобранител бил известен дека извршени биле регуларни проверки на патни исправи и со трансжените се постапувало учтиво, а бидејќи се работи за несовпаѓање со изгледот било направено верифицирање со друг службеник.
Согласно известувањето, Народниот правобранител не утврдил дека се повредени начелата на недискриминација и дека е сторено вознемирување врз основа на родов идентитет и само укажува за потребата од тренинзи за сензибилизација кон „овој тип на лица” и препорачува преземање на мерки за запознавање на службениците со легислативата во областа на дискриминација. Народниот правобранител не ги зема предвид наводите дека транс жените биле изложени на исмејување и недолични коментари од неколку службеници и дека не се работело само за проверка и верификација од надреден службеник како што е наведено од МВР. Имено со своето однесување, непотребните коментари, чекањето, повикувањето на колегите и исмејувањето, полициските службеници на аеродромот создале непријателска и понижувачка средина, го отежнале пристапот и го повредиле достоинството на транс жените. Со тоа што ги повикувале своите колеги за да ги видат пасошите и трансжените, го повредиле и правото на приватност и ги изложиле непотребно на исмевање кое резултирало со повреда на достоинството.
Мрежата за заштита од дискриминација смета дека е од исклучителна важност Народниот правобранител соодветно да постапува во вакви случаи и изречно да утврдува дискриминација и вознемирување, отколку да има поголема верба во исказите на полициските службеници. Народниот правобранител не верува на исказите од страна на жртвите и во известувањето за запирање на постапката без никакво образоложение само ги пренесува одговорите на МВР. Досегашната пракса покажува дека укажувањата за потребите од преземање на мерки не се соодветен механизам во борбата против дискриминаторско и вознемирувачко однесување и постапувања од страна на полицијата, а Народниот правобранител не мониторира дали препорачаните мерки навистина се преземаат. Бројот на пријави на случаи на несоодветно постапување од страна на полициски службеници расте, а неосудувањето на таквото однесување од страна на телата за еднаквост и неказнувањето на службениците од страна на Секторот за внатрешна контрола и обвинителството, само го охрабруваат ваквото однесување и постапување и ја зголемуваат недовербата кон механизмите за заштита.
23.01.2019
Contact person:
Драгана Дрндаревска 078 200 675