Конференција на МЗД: Бележиме унапредување кај Комисијата за спречување и заштита од дискриминација и уназадување кај Народниот правобранител

Бележиме унапредување кај Комисијата за спречување и заштита од дискриминација и уназадување кај Народниот правобранител

Мрежата за заштита од дискриминација на 15 декември одржа онлајн конференција на тема „Предизвици, успеси и научени лекции од спроведувањето на Законот за спречување и заштита од дискриминација 2020 – 2022“. Во рамки на конференцијата се презентираа наодите од две публикации коишто се однесуваат на работата на телата за заштита од дискриминација: Комисијата за спречување и заштита од дискриминација (КСЗД) и Народниот правобранител (НП), врз чијашто работа Законот директно влијае.

Драгана Дрндаревска од Коалиција МАРГИНИ и Мрежа за заштита од дискриминација (МЗД) ја отвори конференцијата напомнувајќи дека Законот за заштита од дискиминација (ЗСЗД) е Закон за кој Мрежата долго се застапуваше за негово донесување, поради што сега е поминато доволно време за да се зборува за негово унапредување. Дрндаревска дополни дека Мрежата постојано ги тестира механизмите за заштита од дискриминација и поднесува постапки во оваа област. „Кога станува збор за КСЗД, денеска можеме да зборуваме за функционална институција, но тоа е сепак тело кое се соочува со многу предизвици. Извештајот на Европската комисија го препознава овој успех, но зборува и за потребите за негово подобрување, особено во финансиските и човечките капацитети. Како Мрежа не сме задоволни од донесувањето на Националната стратегија за еднаквост и недискриминација, како и од проблемите што остануваат во сегашното функционирање на Народниот правобранител. Проблемите кај Народниот правобранител се продлабочуваат наместо да се решаваат“. Покрај тоа, таа посочи дека иако имаме генерални унапредувања во однос на законската рамка за заштита од дискриминација, на терен кај маргинализираните заедници се’ уште постојат истите проблеми, поради што се потребни дополнителни и засилени напори во сите области, особено во доследното спроведување на законската рамка и јакнењето на капацитетите на институциите.

Во својот воведен збор Кире Миловски од Фондација Отворено општество – Македонија направи пресек на овогодишната работа на Мрежата којашто освен извештаите за работата на Комисијата за заштита од дискриминација и Народниот правобранител, подготви уште четири документи за јавни политики за: (1) ефикасна заштита во случаите на сексуално насилство и сексуално вознемирување, (2) зајакнување на вработливоста на лицата со попреченост, (3) индивидуалните земјоделки и отсуство на нивното право за платено породилно отсуство и (4) усогласувањето на македонското законодавство со Директивата 2010/41/ЕУ за примена на принципот за еднаков третман на мажите и жените кои вршат активности во својство на самовработени лица. „Мрежата веќе активно учествува во креирањето на политиките во областа на недискриминацијата, се застапува за прифаќање на европските и меѓународните стандарди, иницира процеси за застапување за хармонизација на законодавството со ЕУ и унапредување на законите според потребите на маргинализираните групи истовремено активно и јавно се залага за унапредување на еднаквоста и човековите права“, изјави тој.

Игор Јадровски од Комисија за спречување и заштита од дискриминација ги подели предизвиците на работа на КСЗД на предизвици што произлегуваат од: (1) капацитетните можности, (2) недоречености во ЗСЗД и (3) недостаток од меѓуинституционална соработка. „Овие години КСЗД доста често кажува дека се соочува со проблеми во смисла на независноста со располагањето на буџетот, иако ја поздравувам одлуката за зголемување на буџетот за следната година, но дел од проблемите се уште остануваат. Во однос на човечките капацитети се наоѓаме во многу незгоден период. Во 2023 ќе се соочиме со проблем со неможност за нови вработувања, па ќе мора да преземаме вработени од други институции наместо независни постапки за вработување. Постои потреба од отворање на Законот и допрецизирање на одредени одредби што се однесуваат на судската постапка, носењето на одлуки и мислења и регулирањето на стручната служба. Ние сме во постојана размена на информации со МЗД која често поднесува претставки и работи на капацитирање на нашата стручна служна. “ изјави Јадровски. 

Стојан Мишев од Здружение ЕСЕ и Маргарита Глигуровска од ХОПС Опции за здрав живот Скопје направија презентација на клучните наоди од Извештајот за спроведувањето на Законот за спречување и заштита од дискриминација (2020 – 2022). Резултатите од овој извештај покажаа успеси во работата на Комисијата и придвижување кон поефикасна и ефективна заштита од дискриминација. За позитивните аспекти од работата на КСЗД сведочи и зголемувањето на бројот на претставки, иако сè уште постојат и бројни предизвици особено во превентивно-промотивната и во советодавно-експертската функција.

Глигуроска изјави дека иако ЗСЗД има направено значителен чекор кон усогласување на националната легислатива со законодавството на ЕУ, како и можност за подобро институционално позиционирање на КСЗД, најранливите граѓани се’ уште се соочуваат со нееднаков третман. Глигуроска се задржа на анализата на Националната стратегија за еднаквост и недискриминација 2022 – 2026 година како дел од предметната содржина на документот, ја презентираше нејзината методологија и недостатоците. „Наодите од нашата студија покажуваат дека не е наведено точно кој се учествувал во процесот и дали е формирана работна група по примерот на претходните стратегии. Во процесот не е вклучена КСЗД како едно од најзначајните тела за еднаквост во РСМ. Здруженијата биле повикани само на една средба, но нивните предлози не биле прифатени“, изјави Глигуроска. Од анализата на сите стратешки документи на КСЗД како недостатоци таа ги забележаа: јавна недостапност на сите документи, нереализираноста на дел од активностите, немањето на соодветен буџет за реализација на дел од акциите, немање на детално утврдни стандарди за содржина на мислењата на Комисијата според Деловник.

Стојан Мишев, пак, ги презентираше наодите коишто се однесуваат на извршувањето на промотивно-правната функција на КСЗД, заштитната функција и советодавно-експертската. Тој се задржа на исполнувањето на законските предуслови за ефективна имплементација. Како недостатоци тој овде ги истакна: непочитувањето на законските одредби за финансиска независност на КСЗД, работењето со една петтина од потребните човечки ресурси и вработувањето врз основа на преземање од други институции, немањето воспоставена практика за презентирање или „бранење“ на буџетот на КСЗД пред Собрание. „Главно, за Комисијата да ја подобри својата промотивно-превентивна функција таа треба да се вклучи во планирањето, спроведувањето, како и оценувањето на влијанието од спроведуваните превентивни активности врз јавната свест, да преземе мерки за рамномерно спроведување на активности во рамките на оваа функција, да ја усвои својата Комуникациска страгија и Годишен акциски план за комуникација, да го продлабочи видот на превентивните активности, да го зголеми бројот на промотивно-превентивни активности, и да го зголеми присуството на традиционални медиуми, како и користењето на алтернативни канали за комуникација со ранливите групи на граѓани“, посочи Мишев.

Во однос на извршувањето на заштитната функција на КСЗД авторите на документот препорачуваат: Комисијата да подготви интерни упатства кои ќе вклучат индикатори за квалитетот на подготвените мислења, како и посебен образец кој ќе ги содржи елементите кои треба да бидат образложени во мислењето, да направи подетална анализа за времетраењето на постапката, што ќе служи како основа за законски измени или усвојување на прецизни интерни критериуми за преземањето на дејствија од КСЗД, да воспостави унифициран систем на следење на исполнувањето на препораките итн. За подобрување на советодавно-експертската функција, Комисијата треба да: подготви посебен план со индикатори за спроведување на поединечните надлежности во рамките на советодавно-експертската функција, да организира континуирана едукација, односно јакнење на знаењата и вештините на членовите и вработените во стручната служба на КСЗД за меѓународната, регионалната и националната правна рамка за заштита на човековите права, еднаквоста и недискиминацијата и воспоставување на систем за следење на усвојувањето и имплементацијата на меѓународна, регионална и национална правна рамка на човековите права, еднаквоста и недискиминацијата.

Јасмина Иванова од Министерство за труд и социјална политика зборуваше за хармонизацијата на легислативата со ЗСЗД. Напомена дека Министерството посветува внимание на градење на капацитетите на институциите, спроведување на обуки, подготовка на електронски модули за недискриминација, итн. Освен тоа таа спомена дека Владата ги има задолжено сите министерства за започнат со хармонизација, додека МТСП ќе продолжи да соработува со невладиниот сектор кој е клучен за подорбување на легислативата.  „Од заеднички интерес е да продолжиме да работиме заедно и да се застапуваме на унапредување на ЗСЗД во насока на поголема самостојност и функционалност на КСЗД, анализа на недостатоците, градење на капацитетите и градење на јавната свест за улогата на Комизијата“. Таа предложи организирање на редовни координативни средби меѓу МТСП и МЗД на секои три месеци, со цел за зајакнување на соработката и да се надминат незадоволствата од вклученоста на здруженијата во процесот на донесување одлуки поврзани со дискриминација.

Христина Здравеска од Станица ПЕТ презентираше дел од клучните наоди од Извештајот за работата на Народниот правобранител со фокус на спречувањето и заштитата од дискриминација (2020 – 2022). Според Здравеска, во работата на НП нема унапредување. Напротив, според бројот на претставки може да се зборува за уназадување. „Согласно статистичките податоци, во последните години постои намалување на бројот на претставки за заштита од дискриминација, а нивниот број е најмал во 2021 година, а бројот на претставки во кои е утврдена дискриминација изнесува 7,9 % од вкупниот број претставки. Овој процент е многу мал и може да укажува на непрепознавање на дискриминацијата од страна на Институцијата. “ Таа дополни дека Народниот правобранител не ги користи целосно своите надлежности и во предметниот период нема покренато иницијативи за поведување на дисциплинска постапка против службено и одговорно лице, нема поднесено барање до надлежно обвинителство за поведување казнена постапка итн. Главни недостатоци во постапувањето на Народниот правобранител по претставки за заштита од дискриминација претставуваат непостоењето на механизам кој обезбедува доследна примена на препораките на НП, потоа фактот дека НП не ги користи прекршочните одредби, товарот на докажување најчесто се бара кај жртвата, па одлучува како што одговорила институцијата сторител на повредата. Здравеска изјави дека „Во однос на активностите на Народниот правобранител за зголемување на свесноста во  областа на дискриминација во извештајниот период, нив речиси и ги нема.“

За да се унапредат состојбите Здравска препорача промени во Законот за Народниот правобранител, во начинот на негов избор и избор на неговите заменици во делот на критериумите. „Потребни се системски промени на институцијата кои ќе значат персонална и функционална независност. Оттука, потребно е во Законот да се предвиди транспарентна и инклузивна постапка за избор на НП и на неговите заменици, со активно учество на сите заинтересирани релевантни страни“. Здравеска објасни дека во претходниот Извештај за НП на Мрежата биле дадени конкретни препораки за унапредување на законската рамка, тие не биле применети. „Исто така, немаме и унапредување во однос на практиките на Народниот правобранител, што следствено укажува на тоа дека голем дел од препораките се повторуваат и во овој Извештај.“

Конференцијата се организираше во рамки на проектот „Мрежа за заштита од дискриминација: Унапредување на политиките и практиките за заштита од дискриминација и промоција на еднаквост“ поддржан од Фондација Отворено општество – Македонија. Лице за контакт: Драгана Дрндаревска 078200675 dragana.coalition@gmail.com