Главни препораки и клучни заклучоци од Тркалезната маса на тема: „Предизвици и придобивки од препознавањето на дискриминацијата како основ за судски спор во судскиот деловник“

Мрежата за заштита од дискриминација ја организираше тркалезната маса „Дискриминација како основ за судски спор во судскиот деловник “, со цел да дискутираат можни решенија со сите засегнати страни за зголемување на пристапноста до судските одлуки за дискриминација со што ќе се зголеми транспарентноста во работата на судовите, ќе се зголемат можностите за следење на состојбите и креирање на соодветни политики за унапредување.

На настанот зедоа учество претставници од правосудниот сектор, адвокати, новинари, студенти, претставници на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација како и учесници од здруженијата на граѓани кој работи во областа на дискриминацијата.

Кире Миловски, програмски координатор од Фондацијата Отворено општество – Македонија, ја потенцираше потребата од ефективна транспарентност на судските одлуки, што значи лесна пребарливост, достапност и навремено објавување. Тој исто така наведе дека иако централизираниот портал www.sud.mk е претставен како функционална база на пресудите од сите судови со можност за пребарување, сепак судските одлуки за заштита од дискриминација не можат да се пребаруваат по дискриминаторски основ, облиците и видовите на дискриминација и други податоци. Ова е исклучително важно и претставува пречка во можноста за обработка на податоците и за анализа на самата судска практика од областа на дискриминацијата.

Александра Цветановска, претседателка на Македонското здружение на млади правници го презентираше документот за јавни политики „Пристапноста на судските одлуки од областа на заштитата од дискриминација во Република Северна Македонија“ подготвен во рамки на Мрежата за заштита од дискриминација. Таа наведе дека бидејќи не постои посебен начин на бележење на пресудите за дискримининација, туку се бележат по различни основи, па оттука не е возможно лесно да се пристапи до нив. Таа презентираше можни решенија преку промена на судскиот деловник, засновани на препораките од документот за јавни политики.

Адвокатката Тамара Славеска Апостоловски, претставничка на Адвокатската комора, зборуваше за пристапноста до судските одлуки како обврска на државата. Славеска Апостоловски истакна дека транспарентноста е од исклучително значење, особено увидот во различните основи на дискриминација. Според неа Судскиот деловник е потребно да се воведе посебна ознака за означување на случаите кои се однесуваат на дискриминација. Со ова не само што ќе се зголеми нивната видливост во јавноста, туку ќе овозможи и поголем пристап до правда на маргинализираните заедници.  Дополнително, издвојувањето на овие предмети би значело и можност за специјализација на судиите во областа на дискриминацијата.

Вишата соработничка за преговоти, интеграција и следење во Секторот за Европска Унија и претставничка од Министерството за правда, Марија Бриндевска ги запозна присутните со работењето на Работната група за работа на измените на Судскиот деловник и нивните досегашни забелешки и предлози кои се вградени во деловникот. Таа напомена дека во извештаите на Министерството за правда се истакнати проблемите во врска со означувањето на предметите по основи на дискриминација. Бриндевска забележа дека работната група засега нема установено мислење поврзано со решавање на овој проблем, но дека се подготвени да го работат на решение и повика на доставување на предлози и на вклучување на соработници во процесот.

Присутните новинари поставија прашања за зголемувањето на транспарентноста на судските постапки. Марија Бриндевска истакна дека постојат измени кои се однесуваат на транспарентноста на судовите, зголемен пристапот до рочишта, содржината што се објавува на веб страницата на судовите, а битна новина е и воведување на регистар кој ќе ги содржи податоците на лица одговорни за односи со јавност и портпаролите. Здружението на новинарите на Македонија даде предлог за објавување на стандардизирана биографија, фотографија и функционална е-меил адреса на секој судија. Дополнително, Бриндевска објасни дека согласно Планот за приоритетни активности за дигитализација на судството за 2021 година се опфатени: измени во законска регулатива за воведување на концептот на дигитализација и судење преку интернет, обезбедување опрема за судници за онлајн судења, издавање уверенија од казнена евиденција и други услуги за граѓаните, надоградба на АКМИС системот и слично.

Весна Бендевска, претседателка на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација, изјави дека Комисијата би сакала да биде дел од работното тело за измени на Судскиот деловник. Таа нагласи дека Комисијата треба да воспостави соработка со судството за остварување на својата надлежност за прибирање и анализа на податоци од областа на дискриминацијата и за размена на информации за тековни случаи. Исто така Бендевска побара посебно означување и на предметите по прекршочните постапки иницирани за дискриминација.

Мрежата за заштита од дискриминација ги достави предлозите за зголемување на пристапноста на пресудите по случаите на дискриминација до работната група за измени на судскиот деловник, бара нивно сериозно разгледување и останува отворена за учество во креирање на заедничко решение кое ќе придонесе кон зголемена видловост, транспарентност, но и унапредена правна сигурност во областа на судската заштита од дискриминација, како и целосна примена на новиот Закон за спречување и заштита од дискриминација кој предвидува индивидуална тужба и тужба од јавен интерес (actio popularis) а и новите предлог измени на Законот за парнична постапка кои споровите од дискриминација ги препознаваат како посебни спорови.

Лица за контакт:

Маја Атанасова – 070 522 445

Маргарита Глигуровска – 077 953 787

Галерија од настанот: